Со криминалот се може, ако се сака

Во 2015 година, Ел Салвадор имаше највисока стапка на убиства на западната хемисфера. Денес го има второто најниско место - пред него е само Канада. Еден човек на врвот на државата, подготвен да се фати за работа покажа дека криминалот во една држава не е судбина на таа држава туку нечиј политички избор.

Проблемите во Ел Салвадор започнаа во 80-тите години, кога 12-годишната граѓанска војна принуди многумина да побегнат во Калифорнија. 

Таму формираа озлогласени криминални банди, прво Барио 18, а подоцна и МС-13, но, не за долго. Членовите на овие банди беа депортирани назад во Ел Салвадор  и тие таму започнаа владеење со терор.

Бандите дополнително нараснаа со брутално и присилно регрутирање млади луѓе. Контролираа огромни територии и ги принудија сите - од улични продавачи  до големи компании - да плаќаат рекет. Неказнивоста вртоглаво ја зголеми стапката на убиства.

Во 2019 година, 37-годишниот Најиб Букеле станува претседател.

Го зголемува буџетот на безбедносните сили за да може да лови криминалци. Работите се подобруваат постепено и умерено, сè до еден фатален црн викенд во март 2022 година кога за два дена биваат убиени 90 луѓе. 

Букеле сфаќа дека со меко и полека не ја бива работата.

Прогласува 30 дневна вонредна состојба со која се забранува групирање а се дозволува апсење без судски налог.

Бинго.

Осомничени членови на бандите се апсат по улици, во дуќани, во школски дворови. Полицијата апси по илјада луѓе секој ден, толку што морало бргу да се прошират сместувачките капацитети за нив. 

Истата година, стаката на криминалот паѓа 50%. Следната година паѓа 70%.

И покрај ваквиот успех, политиката на Букеле не минува без критизери. Невладини организации го обвинуваат за непочитување на човекови права и лош третман на затворениците.

Им одговара:

„Како можам да барам од обичните луѓе на Салвадор, кои со денови знаат да бидат само на грав и тортиљи, да плаќаат поголеми даноци за да обезбедат месо и десерт за затворениците кои ги убиле членовите на нивните семејства?“

Патем, стапката на смртност во затвори во Ел Салвадор е пониска од онаа во САД.

Кој сфати, сфати.

 

22 септември 2024 - 13:53