41 милијарда долари од климатските финансирањa на Светската банка не се прокнижени како што треба заради лошото водење евиденција. Тоа се речиси 40 отсто од сите климатски фондови исплатени од Банката во изминатите седум години, пред неколку дена откри новиот извештај на Оксфам, меѓународна конфедерација на 21 организации кои се борат против светската сиромаштија.
Нивната ревизија на климатското портфолио на Светската банка покажала дека за меѓу 24 и 41 милијарда долари не е баш јасно каде и како се пласирани.
Не постои јасен јавен документ кој покажува каде отишле овие пари или како се користеле, што прави невозможно да се процени дали имало некое климатско фајде од нив.
Исто така, останува нејасно дали овие средства воопшто биле потрошени на иницијативи поврзани со климата наменети да им помогнат на земјите со низок и среден приход да ги заштитат луѓето од влијанијата на климатската криза и да инвестираат во чиста енергија.
„Банката не се штеди кога треба да се фали со милијардите со кои ја финансира климата, но овие бројки се засноваат на тоа што планира да потроши, а не на она што реално го троши откако ќе започнат проектите“, рече Кејт Доналд, шеф на канцеларијата на Оксфам во Вашингтон.
„Ова е како да барате од вашиот лекар да ја процени вашата исхрана само со гледање на вашата листа на намирници, без да проверите што од нив реално има во вашиот фрижидер“.