Веднаш по пензионирањето, британскиот генерал Ричард Ширеф ја критикува својата влада дека намалувањето на потрошувачката за одбрана е "пеколен ризик" во време на обновена руска агресија. Следно разработува што би можело да се случи кога Британија и другите членки на НАТО, престанат доволно да инвестираат во спротивставување на армијата на Кремљ.
Инспирација за второто сценарио е текстот од Њујорк тајмс во кој Трамп наговестува дека ако стане претседател може и да не им помогне на сите членки на Алијансата, конкретно на балтичките ако бидат нападнати од Русија, и покрај тоа што ова му е должност според договорот. Трамп тогаш елаборираше дека "поддршката ќе зависи од тоа дали оние што се нападнати ги имаат исполнето своите финансиски обврски кон алијансата, вклучувајќи и ветувањето дека годишно ќе трошат по 2% од својот БДП на одбрана." Моментално ова го прават само 5 од 28 членки. По пат Трамп изјави и дека би можел да го признае Крим како руска територија.
Ширеф потенцира дека Америка е клучна за функционирањето и реагирањето на НАТО, па затоа е сериозен удар во Белата куќа да имаш претседател кој не е подготвен "да го направи она што треба да се направи."
Во однос на членот 5, кој ги обврзува сите членки на НАТО безусловно да си помогнат во случај на агресија, Ширеф посочува дека е неспоредливо поважно да се има безусловна поддршка за интервенција, отколку кој ќе интервенира, бидејќи клучно е да кажеш "ако те нападнат, без разлика што се случува, ние ќе ти помогнеме..." За разлика од ова тој го доживува Трамп дека има "трансакциски пристап" (да видиме кој што има платено и кој колку должи) кој "комплетно ја поткопува силата на колективната одбрана."
Ширеф смета дека ваков развој, Трамп во Белата куќа, ја зголемува опасноста од руска агресија. Во неговото сценарио, човекот кој седи во Кремљ, одлучува да се проба на Балтикот пресметувајќи дека тоа може да му успее. Сето ова почнува кога Русите чувствуваат дека одбраната на Европа слабее и слично како во Украина, решаваат дека треба да го одбранат руското малцинство на Балтикот.
Операцијата (сите сличности се доживеани и веројатно не случајно се поклопуваат со некои наши локални недоразбирања) започнува со собирање големи армиски сили на руската граница, додека истовремено во Латвија почнуваат да делуваат специјални сили, сајбер и психолошки операции, плус пропаганда, чија цел е да се манипулира малцинството и да се започне со поделбата во самата земја.
Генералот објаснува дека "суштината на рускиот пристап е да се поткопа интегритетот на државата меѓутоа тоа да не се крене над границата заради која би можело да се активира членот 5 на НАТО."
Притоа треба посебно да се внимава бидејќи "Русија го инкорпорира нуклеарното размислување во секој аспект на военото планирање и доктрина."
Според генералот, сето ова се само шпекулации, и он го има презентирано најлошото можно сценарио, меѓутоа не треба да се заборави дека Русија е сериозна кога е во прашање војната и не прави "половични решенија, туку ја концентрира својата сила, и е безмилосна во егзекуцијата."