Романија, под хауба

Со оглед на нивната стартна позиција, ретко која земја имаше повеќе бенефит од интегрирањето во ЕУ од Романија. Стигнаа пари, стандардот се подобрува, но приказната има и друга страна: милионско намалување на населението, 40% од учениците им се функционално неписмени и слично. Накратко, добро е ако си во некој од големите градови. Надвор од нив е гола сиромаштија.

Со гласање 6:3 Уставниот суд на Романија му наложи на претседателот на земјата да ја отпушти специјалната јавна обвинителка Лаура Ковеси, која претходно влезе во судир со министерот за правда заради селективно покренување случаи. Претстедателот Клаус Јоханис рече дека ќе почека на писмено да ја добие одлуката па ќе се произнесе. * На екс министер за туризам деновиве му беше изречена затворска казна од 6 години (за мито), само што тој е во егзил во Коста Рика. * Земјата деновиве имаше проблеми со признавање на една романско-американска геј двојка кои се имаат регистрирано во друга земја а Романија не признава исто-полови бракови. * Телевизискиот борд очекува оставка од екипата која ја водеше Романија на Евровизија заради неуспехот да се влезе во финале....

******

Тоа се дневно-политичките настани низ кои минува секојдневието на Романците. Но таа земја е интересна и заради трансформацијата која ја минува откако стана дел од ЕУ. Дали и колку Романија имаше бенефит од ЕУ и кои се шансите просперитетот да го видат и оние кои се надвор од неколкуте големи градови во кои добро се живее, се прашањата на кои одговор се обидува да даде извештај за Светската банка на кој се темелат следните податоци.

Патувајќи низ Романија човек гледа две земји: една урбана, динамична и интегрирана во ЕУ; другата селска, сиромашна и заглавена во минатото.

Букурешт е жива метропола со модерни услуги кои се во подем, и со повисок приход по глава на жител од просекот во Европската Унија. И секундарни градови како Клуж, Јаш и Темишвар бргу стануваат места на просперитет и иновација - Клуж е дури познат и како Силициумската долина на Романија. Па сепак, кога ќе навлезе воо помалите гратчиња и по селата, човек има чувство дека овие места се со децении назад и од главниот град и од остатокот на Европа.

Мал број земји имаат искористено од интеграцијата во Европската Унија онолку колку што тоа го има сторено Романија. Реформите поттикнати од пристапувањето внесоа странски инвестиции, ја зголемија продуктивноста и животниот стандард. Денес, над 70% од извозот на земјата оди за ЕУ. Растот на БДП во 2017 беше 6.9%, што ја прави Романија според перформансите една од најдобрите економии во Европа. БДП по глава на жител порасна, од 30% од просекот во ЕУ колку што имаа во 1995, до 60% во 2017.

Истовремено, бројот на населението во Романија, од 2.000 година се намали од 22.8 на 19.6 милиони, и се очекува да продолжи да паѓа. Помеѓу 3 и 5 милиони Романци - повеќето од нив во најдобрите години за работа - живеат и работат во други делови на ЕУ. Во меѓувреме, учеството во работната сила е само 66% (и ниски 56% за романските жени), прениско за да може да ги навјаса стареењето и емиграцијата.

За да продолжи да се развива и да се приближува кон стандардот на ЕУ, Романија ќе мора да направи некои промени.

Како што се приклучи кон пазарите на ЕУ и нејзините институции за да го забрза својот економски раст во текот на последниве две децении, таа сега ќе мора да ги употреби за да го премости растечкиот јаз помеѓу оние кои просперираат и оние кои каскаат зад нив. На земјата и се потребни поголем број квалификувани работници, поефективни инвестиции и многу поефикасна распределба на ресурсите.

Вештините на Романците не се во чекор со зголемената софистицираност на европската економија. Романските извозни производи бавно се прешалтуваат од трудово интензивни нискотехнолошки сектори кон понапредна автомобилска, машинска, електронска опрема и информациска и комуникациска технологија.

Со 25.6%, опфатот на Романците со универзитетско образование е најнизок во ЕУ. Ова на работадавачите им прави проблем при вработувањето луѓе кои имаат и практично знаење и тн. „меки вештини“. Недостасуваат дипломци во области како наука, технологија, инженерство и математика, а недостасува и обука за нетехнички занимања.

Состојбата на инфраструктурата е страшна: Романија е 102-ра од 137 земји според квалитетот на транспортната инфрастуктура. Заради лошото планирање и слабата јавна администрација, таа е единствената земја во ЕУ која не беше во состојба да ја искористи поплавата на структурни фондови по пристапувањето. Таа доби 15.4 милијарда евра од 2007-2013, и уште 17.6 милијарда евра од 2014-2020 за инвестиции во инфраструктура. За земја со БДП чиј просек помеѓу 2007 и 2017 беше 140 милијарди евра, 33 милијарди не се мали пари но тие требало да се употребат на подобар начин.

Малите бизниси се мачат да бидат конкурентни и да влезат во глобалните синџири на вредност заради непредвидливите регулативи: законот за фискализација е променет 20 пати во последниве две години! Истовремено, имаат 1.200 државни претпријатија, од кои голем број се кабасти и неефикасни и ја намалуваат општата продуктивност.

Над четвртина од романското население живее со помалку од 5.50 американски долари дневно, што е највисока стапка на сиромаштија во ЕУ. Најсиромашните, кои главно живеат во руралните области, остануваат неповрзани со придвижувачите на економскиот раст: половина од најсиромашните 40% од Романците не работат, додека уште 28% живеат од земјоделие.

Еден од пет луѓе на село немаат пристап до вода за пиење, а третина живеат без пристап до модерен тоалет. Ромите, кои се малцинство, се соочуваат со особени тешки услови, со стапка на вработеност која е само 28% и стапка на сиромаштија која е близу 70%.

Романија останува една од најмалку урбанизираните земји во ЕУ: голем број сиромашни луѓе - 75% од населението - живее во рурални области. Помалку од 2% се преселило во последниве пет години, најверојатно поради недоволни вештини или погрешно водени политики.

Образовниот систем на Романија не води грижа за своите деца: 40% од романските ученици се функционално неписмени - што значи дека иако технички знаат да читаат и да пишуваат, не можат да ги применат овие вештини во своите животи. Едно од пет деца го прекинува школувањето - што е највисока стапка во ЕУ.

Комбинација на релативно великодушни привилегии за мајките и недостаток на хонорарни работи доведуваат до премало вклучување на жените во работната сила. Без оглед дали тие се внатре или надвор од неа, традиционалните родови норми продолжуваат да го ставаат целиот товар на грижата за децата и за старите врз жените.

Зошто романскиот просперитет не е порамномерно споделен? Во голема мерка, се работи за неспособност на државата да се придржува до долгорочните цели на водењето политика. Голем број луѓе во Романија исто така чувствуваат дека јавните политики се кројат и се местат според нечии интереси, и дека реформите кои беа преземени за да се влезе во ЕУ беа површни и не ги земаа предвид системските проблеми. Сето ова ја има нарушено довербата кај луѓето.

Со сите овие контрадикции, дали Романија сè уште може да биде горда на достигнувањата? Гледајќи наназад, одговорот е секако да. За помалку од една генерација, Романија има изградено отворено општество, ја има консолидирано демократијата, и стана појака од кога и да е. Но гледано во иднина, Романците треба да бидат загрижени. Освен доколку земјата не ги залечи недостатоците на сопственото владеење, економскиот раст ќе стане покршлив, а просперитетот уште помалку споделен помеѓу сите нејзини граѓани.

6 јуни 2018 - 16:07