Според начинот на кој е изработена, сомнежот е дека гробницата е на некој важен и близок човек на Александар - мајка му, една од неговите сопруги, некој од неговите омилени генерали, или другарот од детството и љубовник, Хефестион. Исто така речиси со сигурност се знае дека Александар е закопан во Египет.
За вовед во приказната од Нешнл Географик почнуваат со Филип Втори ("Во тоа време Македонија е скромно планинско кралство северно од античка Грција, ама Филип има големи соништа.") и неговиот подем и успех во трансформирање на македонската армија од група неорганизирани борци во воена машина, како и подоцнежното освојување на грчките градови држави.
Тогашните македонски кралеви по обичај имале повеќе сопруги, најчесто заради запечатување на политички сојузи со моќните соседи. Мајката на Александар, Олимпија, била ќерка на кралот на Молосијците (народ кој живеел на територијата на денешна Албанија), и кој тврдел дека има потекло од грчкиот херој Ахил. Таа е една од многуте сопруги на Филип Втори, меѓутоа неуморно работи на тоа да го стави својот син на македонскиот трон. Дел од историчарите веруваат дека таа го има отруено и постариот полубрат на Александар, по што тој има ограничена ментална способност.
Одреден период нејзините интриги успеваат, Филип го гледа младиот Александар како свој наследник, давајќи му првокласно образование на својот син и тоа лично од Аристотел. Во исто време тој го поттикнува неговиот раст како воин.
Наспроти нив македонските благородници од дворот на Филип го сметаат Александар за половина странец, и можно нелегитимен син. Во времето кога Александар е во тинејџерски години, и Филип почнува да се сомнева во ова. Тој зема нова жена, овој пат Македонка, и за време на една забава дозволува јавно да се доведе во прашање легитимноста на Александар. Потоа Филип го вади својот меч кон Александар што се смета за смртна навреда.
"Филип подоцна се обидува да ги смири работите, ама веќе има создадено опасен непријател. Што точно се случува подоцна се уште е тема на дебата, иако фактите се добро познати. Во 336 година п.н.е. Филип прави богата јавна свадба за една од неговите ќерки и за гости ги кани членовите на соседните кралски куќи.
Како дел од прославата, Филип планира одржување јавни игри во арената во Ајга (денешен Кутлеш), неговиот главен град. Тој влегува во арената, носејќи бел плашт на своите раменици. На едната страна до него е Александар, на другата е неговиот нов зет. Филип им одмавнува на своите телохранители да се тргнат на страна, и како што стои во центарот на арената, толпата почнува да оди кон него и да извикува во знак на негова поддршка.
Ова е последната работа што тој ќе ја чуе. Убиецот излегува од толпата и го боде Филип до смрт додека гостите гледаат со неверување. Во претстојната збрка, убиецот, маж по име Павзаниј (според одредени записи тој му бил телохранител на Филип) бега од арената кон местото на кое се чуваат коњите кои го чекале. Таман да избега, Павзаниј се сопнува и паѓа, и тројца телохранители на Филип го прободуваат со копја до смрт," ја раскажува Нешнл Географик приказната за убиството на Филип.
Околу атентатот на Филип има повеќе теории, според една Павзаниј го убива Филип заради љубомора, бидејќи некое време двајцата се љубовници, се додека Филип не го замени за помлад љубовник. (Според некои сведоштва Филип дозволува на други сексуално до го злоупотребуваат Павзаниј.)
Сепак, посериозната теорија на заговор е дека целото убиство било однапред испланирано и Павзаниј бил изманипулиран од Олимпија и Александар за да го убие кралот. И мајката и синот биле сериозно навредени од Филип, а освен ова се плашеле дека новата македонска невеста може ќе му роди нови синови на кралот кои повеќе би биле прифатени од македонските благородници како можни наследници.
Со смртта на Филип, Александар треба да го убеди македонскиот двор дека заслужува да биде крал. Тој организира скап погреб за својот татко, кремирајќи го неговото тело на огромна погребна клада, и градејќи масовна гробница на периферијата на Ајга, на околу 160 километри од Амфиполис. "Пред очите на македонската аристократија, Александар го закопува својот татко како херој од приказните на Хомер."
Меѓу останатите работи што ги става на гробницата, на влезната врата младиот крал бара уметниците да нацртаат сцена во која Александар и неговиот татко му се приближуваат на лав. Ова е важен момент затоа што во тоа време само членовите на кралското семејство смееле да ловат лавови, со што "Александар искажува почит кон својот татко, меѓутоа си дава чест и себе си... Ова е непогрешна порака дека од сега Александар е главен."
И покрај ова, Александар и понатаму не е сигурен во својата власт, заради што наредува убиство на својот роднина Аминта и на еден од младите штитеници на Филип. Во исто време Олимпија ја врши истата работа меѓу жените во кралското семејство. Наводно таа ја натерала новата македонска невеста на Филип да изврши самоубиство.
По ова Александар треба да ја убеди армијата и генералите дека е водач како татко му, заради што започнува походи против бунтовниците на Балканот, ја уништува Теба и на возраст од 21 година ја има под контрола цела Македонија и Грција. Тогаш трга во поход на Персија.
Во сите свои освојувања, од Египет па до Индија, Александар до себе го има Хефестион, другар му од детство и љубовник. Кога во 324 година п.н.е Хефестион умира од мистериозна болест, Александар речиси пропаѓа од тага. (Според Плутарх, по смртта Александар го распнува докторот на Хефестион и масакрира цело племе за да понуди жртва за духот на Хефестион.)
Александар умира на 33 години, додека е се уште на истокот планирајќи да ја освои Арабија. По ова сите негови генерали, благородници и членови на семејството започнуваат борба меѓу себе.
Олимпија е убиена од страна на суровиот македонски благородник Касандар, кој прво ја зема нејзе за заложник кога ја освојува Ајга, а потоа ја погубува. Потоа во 311-та година п.н.е. тој во Амфиполис ги погубува своите ривали, Роксана, најважната сопруга на Александар, и неговиот постхумен син, Александар IV-ти. Касандар владее како македонски крал се до својата смрт во 297-та година п.н.е.
"Денешните археолози се уверени дека базирано на историските настани Александар е закопан некаде во Египет, најверојатно во градот што го носи неговото име, Александрија. Има истражувачите треба допрва да ги најдат гробниците на Олимпија, Роксана, Хефестион и голем број од неговите генерали. Можеби археолошките тимови кои ја откопуваат мистериозната гробница во Амфиполис ќе ги најдат остатоците на некој од нив," завршува текстот во Нешнл Географик.