Американ-френдли претседателот Хамид Карзаи победуваше на реизбори така што неговите полнеа илјадници гласачки кутии. Подоцна призна дека ЦИА со години му носела торби со кеш во неговата канцеларија, велејќи дека тоа не е „ништо необично“.
Јавно, додека претседателот Барак Обама ја ескалираше војната и Конгресот одобри дополнителни милијарди долари за поддршка, и двете инстанци ветуваа дека ќе ја спречат корупцијата и ќе бараат одговорност. Во реалноста, го вртеа погледот и дозволија лоповлукот да стане посилен од кога било претходно.
Ова е кусиот заклучок од тн „Авган пејперс“ кои своевремено ги објави Вашингтон пост, потпирајќи се на документи и доверливи интервјуа со клучни играчи во американскиот ангажман во Авганистан.
Во интервјуата, клучните личности во војната признаваат дека Вашингтон го толерирал најголемите криминалци во земјата- господари на војната, шверцери на дрога, корумпирани подизведувачи- само затоа што ги сметале за сојузници на САД.
„Користевме олош за да дојдеме до поголемиот олош, мислејќи дека после ќе им се вратиме на првиве. Само што, тоа никогаш не го направивме,“ рекол претставник на УСАИД.
Вртењето поглед не бил најголемиот грев. Американските власти одбивале да се соочат со вознемирувачката вистина - дека тие се оние кои ја хранат корупцијата. Воената зона ја преплавиле со повеќе договори за помош и одбрана отколку што можел да апсорбира сиромашниот Авганистан.
„Имаше толку многу вишок пари, финансиран од американските даночни обврзници, што можностите за поткуп и измами станаа речиси неограничени,“ пишува Вашингтон Пост.
„Тргнавме со претпоставка дека корупцијата во Авганистан е проблемот, а ние сме решението,“ рекол во интервјуата поранешен висок советник во Стејт Департментот. „Само што, корупцијата има една суштинска состојка - парите. А парите ги имавме - ние“.
Финансиски форензичар прегледал преку 3.000 договори на Стејт Департментот со локални партнери во вкупна вредност од 106 милијарди долари.
Заклучил дека 40% од парите завршиле во џебовите на криминалните кланови и корумпираните авганистански службеници и политичари. Со тоа што, додава дека познавачи на приликите на теренот, му рекле дека тој процент му е премногу оптимистичен.