Допрва чуда ќе гледаме:

Американци почнаа да се редат пред продавници за оружје

За нас останува мистерија зошто во овие корона времиња јагмата е најголема баш по тоалетна хартија, односно зошто на луѓе побитен им е газот отколку, да речеме, устата. Тоа е особено видливо во САД (еј, во какви времиња живееме - Холивуд да кубури со гз папир!) и пошто во стампедата по хартија некои играат нефер, редици купувачи почнале да се прават и пред - продавници за оружје. Па да видиме кој е фер.

Извесен Ралф Чарет вели дека купил пушка и муниција за да се заштити себе и фамилијата среде бранот коронавирус паника која ја зафаќа земјата. 71 годишниот воен ветеран на оваа идеја дошол откако се соочил со агресивни купувачи и празни рафтови во продавниците по храна.

Ако таквите почнат да одат по куќи, Чарет вика дека сака да биде спремен за нив. 

Тој е еден од растечкиот број Американци кои деновиве ги опседнуваат продавниците за оружје, купувајќи нова или дополнителна опрема, како и огромни количини муниција. Зад купувањето стои стравот а зад стравот стојат сликите од празните тезги и апокалиптични сценарија тоа да се развие во армија зомбија кои ќе одат наоколу и ќе ограбуваат домови за да дојдат до храна и други неопходности.

Емили Кен си купила муниција за својот 9 милиметарски пиштол.

„Веќе имам направено залихи со храна. Ова беше логичен втор чекор,“ вели 22 годишната девојка од Делавер.

62 годишниот Грег Рејнердс купил 250 шаржери за својот пиштол за одбрана од блиску и се жали дека поевтините брендови куршуми веќе биле распродадени. Вика дека муницијата му е да се одбрани ако некој сака да го ограби после излегување од продавница (да повториме, купил 250 шаржери).

Околу една продавница во Калвер сити, Калифорнија, редот купувачи на оружје се протегал околу целиот блок.

Раст на продажбата бележат и онлајн продавниците. За еден месец вебсајтот Ammo.com има пораст од 70-тина проценти а некои добавувачи почнале да го лимитираат бројот на парчиња кои можат да купи еден човек. 

Продавачите виделе како продажбата им расте во услови на политичка или економска несигурност но ова им е првпат да тријат раце од вирус.

Абе, нека тријат, само после да не си го пипаат лицето. 

19 март 2020 - 00:04