Бери Вајс од Њујорк тајмс текстот го опишува како „неспорно најлошото нешто кое му се случило на #MeToo движењето од неговиот почеток во октомври.“
„Тој го претвора она што требаше да биде движење за еманципирање на жените во амблем за женската немоќ,“ пишува Вајс во својата колумна.
Во анализа на 3.000 зборови долгиот текст, Вајс „како горда феминистка“ дава неколку свои размислувања кои и дошле додека ја читала сторијата на Грејс (измисленото име на девојката од текстот):
- Во однос на тоа дека додека двајцата биле голи Ансари неколку пати се обидел да има секс со нејзе, Вајс објаснува дека ако си гола покрај маж, можеш со сигурност да претпоставиш дека тој ќе сака да има секс со тебе.
- За делот од текстот во кој таа се жали дека Ансари и ставил бело вино, иако таа преферира црвено, пораката е ако тоа те навредува можеш во ист момент да напуштиш.
- Тоа што не и се допаднало дека Ансари брзал да си одат дома веднаш откако ја платил сметката во ресторан, е одлична можност да му кажеш „фала ти на убавата вечер, јас сега ќе си одам дома.“
- Ако си кај него дома и почнете нешто да правите и не ти се допаѓа како тој мириса или како зборува (или не зборува), стави крај.
- Ако ти врши притисок да правите нешто што не сакаш, кажи стоп, стани на своите две нозе и замини си од таму.
Објаснувајќи дека иако звучи дека Ансари вечерта бил агресивен и себичен, решението на овие проблеми не започнува со тоа што жени ќе горат мажи на клада за тоа што не успеале да ги сфатат нивните „невербални сигнали“ (едно од обвинувањата за Ансари).
„Туку на жените е да бидат повеќе вербални. Да кажат: ’ова ме пали’. Да кажат ’не сакам да го правам тоа’. И, да, понекогаш тоа значи да кажат губи се.
Она што за мене беше највознемирувачко околу приказната на Грејс е дека единствена личност во неа која како било дејствува излезе дека е Азиз Ансари. Грејс е само некој врз кого се делува.
Сето ова ме натера да размислам за еден друг текст кој беше објавен викендов, ова од писателката и феминистичка икона Маргарет Атвуд. Таа пишува: ’Мојот основен став е дека жените се човечки суштества. Јас не верувам дека жените се деца, кои не можат да дејствуваат или да направат морална одлука. Ако тие беа такви, тогаш се враќаме во 19-от век, и жените не треба да имаат сопственост, да имаат кредитни картички, да имаат пристап до високо образование, да ја контролираат сопствената репродукција или да гласаат. Има моќни групи во Северна Америка кои ја тераат оваа агенда, ама обично тие не се феминистки.’
Освен се повеќе кога се,“ пишува Вајс.
Изразувајќи жалење за тоа што го доживеала Грејс, авторката објаснува дека има корисен термин за тоа што Грејс го доживеала со Ансари “се вика ’лош секс’.“
На слични позиции е и Кеитлин Фланаган од Атлантик, малку повозрасна од претходната авторка и од Грејс, инаку во младоста и самата два пати речиси силувана на состаноци. Нејзиниот проблем со сведоштвото е што тоа и слични на него ги учат девојките да бидат уплашени и да бидат жртви.
Зборувајќи за магазините и литературата од времето кога таа е тинејџерка (кон крајот на 1970-те), Фланаган објаснува дека тогашните материјали не ги подготвуваат жените да учествуваат во спортови или да имаат големи кариери, меѓутоа:
„Во еден суштински аспект тие нè потсетуваа дека ние сме силни на начин на кој толку многу модерни девојки се слаби. Тие пак и пак ни повторуваа дека ако маж се обиде да те натера да направиш нешто што не сакаш, па дури и само да го бакнеш, директно треба да му кажеш дека нема да го направиш тоа. Ако продолжи да ти врши притисок, ќе си заминеш.
Дека секој пат треба да имаш ’луди пари’ со тебе: за такси во случај да му текне дека не сака да те врати дома.
Тие ти кажуваа дека ако треба ќе му удриш и шамар; тие ти кажуваа и дека ќе излезеш од кола и ќе почнеш да липаш ако треба. Тие ти кажуваат дека ќе направиш се што треба за да го спречиш да го користи твоето тело на начин на кој не сакаш, и дека под никакви околности нема да се предадеш без борба.
На многу начини, споредено со денешните млади жени, ние бевме слаби; нас нè подготвуваа да бидеме сопруги и мајки, а не да држиме директорски позиции. Меѓутоа што се однесува до справување со маж што ни врши притисок да имаме секс кој не сме го сакале, ние бевме силни.“
За самиот текст и „клиничките детали“ Фланаган објаснува дека нивна цел не е да се “валидизира нејзината верзија на настаните колку да се повреди и понижи Ансари.“
„Заедно, двете жени можеби ја уништија кариерата на Ансари, што денес е казна за секој вид погрешно сексуално однесување на маж, од одвратно до разочарувачко.
Пред 24 часа, Азиз Ансари беше мажот на кој многумина му се восхитува и чија работа, иако одлично платена, вршеше и општествено добро. Тој беше првиот контакт со муслиман за голем број млади Американци, кој беше забавен и дел од истата култура како и тие.
Сега врз него е извршен атентат, по основа на анонимното сведоштво на една жена...
... Мислев дека ќе мине малку повеќе време пред екипите привилегирани млади бели жени да отворат оган кон мажите со кафеава кожа.
Очигледно имаме држава полна со млади жени кои не знаат да си викнат такси, и кои потрошиле многу време на избирање на совршената облека за состанок за кој се надеваа дека ќе биде ноќ за паметење.
Тие се гневни и привремено моќни, и синоќа тие уништија маж кој не го заслужува тоа,“ пишува Фланаган.