„Има многу причини да се грижиме за руската инвазија на Украина, но нејзиното влијание врз борбата против климатските промени не е една од нив. Една од цаките на оваа страшна војна е тоа што треба да ја олесни борбата против зголемените температури со поттикнување на глобалната економија да испушта помалку јаглерод“ (??? - прашалниците наши), наведува Хуго Диксон во рубриката „BreakingViews“ на Ројтерс.
Реалноста е дека годинава се очекува историски најголема побарувачка на јаглен откако многу земји му се вратија во обид да ја прегрмат зимата и енергетската криза. А јагленот, по единица енергија испушта двојно повеќе јаглерод диоксид од гасот.
Од друга страна, и климатската политика е сосема тргната на страна, особено што војната во Украина носи дополнителни тензии со несогледливи последици меѓу Кина, во моментов најважниот пријател на Москва и САД, главниот дилер на оружје за Киев.
Ретко кој очекува да се случи нешто битно на следниот климатски самит на Обединетите нации, закажан за ноември во Египет. Откако Ненси Пелоси го посети Тајван, Кина ги замрзна климатските преговори со САД.
Во догледно време, парите ќе одат главно за енергија и храна, оставајќи помалку средства за климатски проекти. Долговите растат насекаде, исто така и инфлацијата која многу централни банки пробуваат да ја зауздаат со зголемување на каматните стапки.
„Економските тенденции кои ги придвижи војната во Украина, истовремено носат и промени кои се добри за планетава“, ќе напише Диксон во очекување луѓето и државите побрзо да се свртат кон обновливите извори на енергија што дополнително ќе ја поевтини потребната инфраструктура.
Диксон го носи оној баг кој го носат и многу други климатски хистерици а отприлика гласи „колку полошо, толку подобро“. Признавајќи дека војната сосема извесно ќе го анулира напредокот во борбата против дополнително загревање на планетава, тој во тоа гледа позитивен елемент, затоа што евентуално побрзо ќе сфатиме дека сме блиску до апокалипсата.