Сукњите се долги, стриптизот опаѓа - ќе има криза

Наместо разни графикони и досадни криви за движењето на БДП, јавниот долг, дефицитот, берзите и слично, во последно големо внимание се врти кон неформални параметри кои досега се покажале како необично прецизни индикатори за тоа дали зад аголот се крие некоја нова рецесија и криза. На пример, посетата и бакшишите во стриптиз баровите. 

Денес во модата се вели дека доминираат миди и макси должини на сукњи, но, тоа ич не е добро. Ни требаат миничи. Зошто? (Меѓу другото), затоа што така налага Хемлајн индексот: ако здолништата се кратки, нè чекаат економски убави времиња. Колку подолги сукњи, толку поголема веројатност за криза. 

Не е сè во миничите, има нешто и во (црвениот) кармин. Индексот на кармини е роден од тезата на Леонард Лодер (Estée Lauder) дека продажбата на мали, евтини луксузи како карминот се зголемува за време на рецесија. Па, кога вистинските луксузи веќе не се достапни, жените се частат со „малото црвено задоволство“. 

За да има родова рамноправност, тука е индексот на машки гаќи, популаризиран од познатиот економист, екс шеф на американските федерални резерви, Алан Гринспен. Тој заклучил (не сакаме да знаеме како) дека мажите се воздржуваат од менување на долната облека за време на рецесија. Помалку перење, повеќе носење, помалку продажба. 

Шампањ индексот ја следи продажбата на шампањ и премиум жестоки пијалоци како сигнал за оптимизам и безгрижна потрошувачка. Зголемувањето на продажбата сугерира зголемување на довербата во животот и економијата, додека падот на отворање пенливи вина (и поводи за тоа) навестува страв од рецесија.

The ​​Economist го има создадено Биг Мек индексот за мерење на паритетот на куповната моќ. Тој ја споредува цената на Биг Мек сендвичот во различни земји за да се види дали валутата е преценета или потценета во однос на американскиот долар. 

Цената не е битна за фамозниот Пица индекс но нарачките на пица доцна навечер од вработените во Пентагон се гледаат како сигуен индикатор дека таму нешто се „готви“ и дека луѓето во Пентагон заради нешто важно остануваат прекувремено. 

Прогнозите не се добри. Пица индексот во последно време забележа рекорден пораст од неверојатни 1.250 проценти!

Постои и Старбакс индекс, Нетфликс индекс но и Кери Бредшоу индекс кој мери колку едно лице може да си дозволи стан/гарсоњера  под кирија во големите градови. Таа е прифатлива ако не надминува 30 проценти од просечната плата.  

За Скопје релевантен е индексот на станови - духови кој мери колку станови (особено луксузните) се празни. Ако тој број е голем, тоа значи дека недвижностите не се користат за живеење туку како инвестиција или чување на капиталот (особено ако се работи за црни пари).

Конечно - за стриптиз индексот. 

Тој го мери „сообраќајот“, прометот и бакшишите во таквите клубови - по правило приходите паѓаат во пресрет на рецесија бидејќи се работи за еластична потрошувачка што детектира и суптилни микро-промени во економската атмосфера. Приходите од стриптиз клубовите во Лас Вегас се намалиле за околу 12 проценти а во легалните бордели за дури 20 проценти.

Се разбира, индексот вреди за нормални градови во кои постои стриптиз и бордел сцена. Ако сте заборавиле, и во овој поглед Скопје е село.

 

3 април 2026 - 11:18