Џорџ Орвел не се надеваше многу дека лагите на тоталитарците ќе бидат разобличени од слободните медиуми. Неговиот есеј „Слобода на печатот“ бил замислен како предговор за 'Животинска фарма', но објавен дури во 1972 година. Орвел обелодени дека Министерството за информации на Обединетото Кралство (формирано за време на Втората светска војна) го советувало издавачот на Орвел да не ја објавува 'Животинска фарма' бидејќи тоа би било „навредливо за руските Совети“.
Тезата на Орвел беше дека не властите туку новинарите се главните цензори:
„Главната опасност за слободата на мислата и говорот во моментов не е директното мешање на Министерството или на кој било државен орган. Ако уредниците се трудат некои теми да не бидат објавени, тоа не е затоа што се плашат од државен прогон туку од јавното мислење. Во оваа земја, интелектуалниот кукавичлук е најлошиот непријател со кој треба да се соочи еден писател или новинар“.
„Денешните кукавички новинари ги потиснаа приказните за лаптопот на Хантер Бајден, сомнежите за ефикасноста на маските и карантините, безбедносните грижи околу ковид вакцините, загриженоста дали тие спречуваат пренос, американската политика во Украина и предизвиците за ортодоксијата околу глобалното затоплување“, пишува Бери Браунстин.
Но, ако администрацијата на Бајден ги притискаше социјалните медиуми да цензурираат обични луѓе, не ги притискаше и новинарите, забележува тој. Орвел запиша: „Непопуларните идеи можат да се премолчат а незгодните факти да се затемнат без потреба од каква било службена забрана.“
Во следниот негов пасус, само заменете го терминот „Советскиот сојуз“ со вакцини, промена на пол кај тинејџери, зелена енергија или некој друг модерен фетиш.
„Во овој момент она што се бара од доминантната догматика е некритички да ѝ се восхитувате на Советска Русија. Секој го знае ова па скоро сите се држат до таа линија. Секоја сериозна критика на советскиот режим, секое обелоденување на фактите што советската влада би сакала да ги сокрие веднаш ве носи до тоа да не бидете објавени“.
Орвел не беше изненаден од „сервилноста со која поголем дел од англиската интелигенција ја проголта и ја повторуваше руската пропаганда“, иако „немаа директен притисок да ги фалсификуваат своите мислења“.
Уште во тоа време било видливо дека токму луѓето кои треба да бидат чувари на слободата, главно книжевната и научната интелигенција, почнуваат да ја презираат.
Денес, авторитарците тврдат дека ја бранат демократијата и не им е проблематично што тоа го прават со нелиберални средства. И во времето на Орвел постоела тенденција да се тврди дека демократијата може да се брани само со тоталитарни методи. Ако некој ја сака демократијата, вели таквата аргументација, мора да ги уништи нејзините непријатели без разлика на кој начин.
Орвел напишал: „Ако слободата воопшто значи нешто, тоа значи право да им се каже на луѓето она што не сакаат да го слушнат“. Денес, новинарите и интелектуалците нè убедуваат дека слободата на изразување не е суштинска; наместо да биде услов за цивилизациски напредок, таа се доживува како закана за „демократијата“.
„Со такви уверувања, би предупредил Орвел, си создаваме сопствена дистопија“, пишува Браунстин.
**********
Види и: