
Кина контролира околу 60% од светското производство на ретки земни метали и речиси 90% од нивната преработка. Како одговор на огромните трговски тарифи што ги наметна Доналд Трамп, Пекинг во април ја ограничи глобалната понуда со воведување строга контрола на извоз на седум ретки метали и трајни магнети.
Тоа се покажа како силен аргумент во трговските преговори со САД, кои немаат сопствени капацитети за преработка. По средбата во Лондон, и двете страни потврдија дека е постигнат договор, што ја смири општата паника во автомобилската индустрија.
Но проблемите не се надминати. Бавната бирократска процедура за издавање лиценци се одолговлекува, поради што извозот е практично запрен. Според Американската стопанска комора во Кина, три четвртини од американските компании очекуваат нивните залихи на ретки земји да се исцрпат во рок од три месеци. Форд кон средината на јуни објави дека ќе го намали производството на теренски возила во Чикаго.
Од 180 барања за лиценци, одобрени се само 5, се жали Џо Стапфел, директор на американскиот производител на магнети „Декстер магнетик технолоџис“. Потребни се 45 дена за да се среди правилно документацијата, а потоа уште толку време за да се одобри лиценцата.
Габриел Вилдау, директор на консултантската компанија „Тенео“ предупредува дека кинескиот систем за лиценцирање на извоз не е само реакција на тарифите и заканите на Трамп.
Прекините во снабдувањето ќе останат закана. Кина сака да го задржи своето влијание врз Вашингтон, вели Вилдау.
Европската Унија се потпира на Кина за 98% од увозот на магнети и ретки минерали. Построгата контрола на лиценците што ја наметна Пекинг доведе до затворање на повеќе производствени линии и фабрики низ цела Европа. Новата Директива за критични суровини на Брисел нема да има влијание на краток рок. Амбициите на Европската комисија се ЕУ да произведува 7.000 тони магнети до 2030 година. Планирани се проекти за рударство, рафинирање и рециклирање. Огромен погон за преработка на ретки метали треба да се отвори во Естонија оваа година, а друг голем погон во југозападна Франција во 2026 година.
Лидерите на земјите од Г7 на самитот во Канада усогласија мерки за диверзификација на производството и снабдувањето. Кина има рекордни залихи од 44 милиони тони. Бразил, Индија и Австралија заедно имаат резерви од 31,3 милиони тони, а околу 20 милиони тони неодамна беа откриени во Казахстан. Тука се гледа стратегиската важност на Гренланд за глобалната економија и индустриската безбедност на САД и на Европа. Рударскиот проект „Танбриз“ во јужен Гренланд се проценува дека ќе биде најголемата операција за експлоатација на ретки минерали во количество од 28,2 милиони тони.
Но, сè додека залихите на ретки метали значително не се зголемат, Кина ќе продолжи да ја користи критичната суровина како моќно геополитичко оружје.
Штом Кина ги ублажи контролите за извоз, цените ќе паднат и ситуацијата со снабдувањето ќе се смири. Никој повеќе нема да зборува за прекумерна зависност од Кина. Тогаш рудниците и рафинериите надвор од Кина ќе мора да се натпреваруваат со тие цени, што обично не е изводливо, забележува аналитичарот Јост Вибеке од „Синолиткс“.
******
Види и: Може ли светот да направи батерија за електричен автомобил без Кина?