2-децениска студија на Пју истражувачкиот центар заклучува дека технологијата предизвикува спротивставени чувства кај корисниците: едното е дека е корисна заради отвореноста и поврзаноста, другото е дека е штетна заради дистракцијата и капацитетот за лажење.
Сето ова што они го заклучуваат посебно е изразено во политиката, па вртоглавиот напредок на дигиталната технологија е следен со до сега нечуената поларизација на јавноста во САД.
"Се замарам со политика на ФБ" позицијата најчесто била одраз на нечија политичка ангажираност и вон социјалните мрежи. Студија на Пју покажува дека оние што се политички ангажирани во оф-лајн светот било поверојатно да имаат интеракција со политички материјал и на он-лајн платформите. Она што е заедничко за политички ангажираните, без разлика на страната, е што тие било поверојатно да мислат дека "социјалните медиуми помагаат во вклучување на нови гласови во дискусијата и да ги натераат луѓето да се вклучат во прашањата што се важни за нив."
Една од бројките која најмногу паѓа во очи (а која покажува или колку ние не поднесуваме тупење за политика на социјалните мрежи или колку тие што тупат за политика се неподносливи), е дека целата оваа галама на социјалните мрежи ја прават помалку од една третина од луѓето. Речиси 7 од 10 корисници на социјалните мрежи изјавиле дека "речиси никогаш" или "никогаш" не зборуваат за политика на овие платформи. Тоа не значи дека ако не збориш за политика темата ќе остане само меѓу тие што ја верглаат, бидејќи 37% од испитаниците изјавиле дека тие се "истрошени" од количината на политика што ја гледаат во своите фидови.
За мнозинството интеракцијата со политичките противници на социјалните мрежи "завршило со помалку заеднички работи отколку што мислеле, а околината ја опишале како стресна и фрустрирачка". Околу половина од корисниците изјавиле дека нивните политички дискусии на социјалните медиуми биле без почит, помалку било веројатно нешто да се разреши, биле помалку цивилизирани и погневни отколку кое друго место на кое разговарале за политика.