Секојдневието во канцеларијата на Гебелс било прилично лежерно: елегантен мебел, фина колегијална атмосфера, строг но праведен шеф со средени нокти и пет секретарки, меѓу кои и Помсел.
„Секогаш знаевме кога е пристигнат, но обично не го гледавме додека не си заминеше од канцеларија, бидејќи тогаш минуваше низ врата која водеше директно во нашата соба, за да можеме да му поставиме прашања или да му кажеме кој го барал. Понекогаш на посета му доаѓаше семејството - децата беа возбудени што го посетуваат тато на работа. Беа многу љубезни и се ракуваа со нас“, се сеќава таа.
Помсел ова го изјавува во нејзиното прво, а со оглед на нејзините 105 години најверојатно и последно интервју во животот, дадено за Гардијан. Веќе со нарушен вид и уморна, таа како да е среќна што деновите ѝ се броени:
„Во ова малку време што ми има останато - а се надевам дека се месеци а не години - само сакам светот да не се сврти наопаку како тогаш, иако работата не оди на добро. Единствено ми е мило што немам деца за да се секирам за нив“.
Нејзиното појавување во јавност после толку време наводно не е за таа да си ја олесни совеста, бидејќи изгледа дека таков проблем нема. Иако признава дека активно учествувала во пропагандата, манипулирајќи ги бројките за убиените германски војници, а зголемувајќи ги оние за бројот на силувања на германски жени од страна на Црвената армија, таа сепак ја опишува нејзината позиција како „обична канцелариска работа“.
„Германски живот“, филмот составен од 30 часа разговори со неа, неодамна премиерно се прикажа на Минхенскиот филмски фестивал. Во него таа тврди дека целата земја на времето била под некој вид „магија“, и дека повеќето луѓе, меѓу кои и самата таа, не можеле да го сфатат обемот и вистинската природа на она што се случувало.
Така на пример, таа се сеќава на случајот на антинацистичката активистка и студентка Софи Шол, егзекутирана заради предавство во февруари 1943, откако делела антивоени флаери на Универзитетот во Минхен. Целото досие ѝ било дадено на Брунхилда в раце, за таа едноставно да го скрие без да го отвори, што и го сторила, со чувство дека е почестена од таквата доверба. Наследената пруска дисциплина, како и фактот дека била најбрзата дактилографка на претходното работно место во радио станица, ѝ овозможило префрлување во министерството за пропаганда. Месечно добивала 275 марки и куп поволности што била одлична заработка во однос на нејзините врсници.
„Знам дека денес никој не ни верува. Но ние навистина не знаевме што се случува, сè се држеше во тајност“, тврди таа. Кога станот кој го делела со родителите бил уништен во бомбардирање, Магда, жената на Гебелс, за утеха ѝ подарила тогаш модерно комплетче од скапа волница. „Никогаш немав нешто толку шик. Двајцата беа многу фини со мене“.
Нејзиниот шеф бил „низок но добро одржуван“, „со светол тен и одела од најдобриот материјал“ - едноставно немало нешто што можело да му се замери. Кога таа и нејзините колешки дознале дека тој и Хитлер во 1945 се самоубиле, не можеле да поверуваат. Од вреќи со храна направиле бело знаме, и им се предале на Русите. Неколку години минала во различни руски кампови во и околу Берлин, но наводно дури откако излегла од таму Помсел дознала за холокаустот. Набргу продолжила со животот онаков каков што го водела и претходно, повторно како секретарка во радио, станувајќи директор на програмата и уживајќи во патувања и добро платена работа до пензионирањето, во 1971.
Кога се отворил Музејот на холокаустот во Минхен во 2005, таа го посетила, барајќи помеѓу починатите нејзина пријателка и поранешна колешка.
„Имињата, меѓу кои и нејзиното, постојано се појавуваа на екранот“, вели таа, заокружувајќи ги нејзините сеќавања, селектирани така за да не предизвикуваат големо чувство на вина.
Трејлер за филмот