Фотографијата од јапонскиот робот кој по поминати 380.000 километри слета на Месечината се прогласува за вселенска фотографија на деценијата.
Јапонската верзија на НАСА, фотографијата ја објави пет дена по тачдаунот на SLIM (Smart Lander for Investigating the Moon), долго откако сфатија дека сончевите панели на вселенското летало не произведуваат електрична енергија.
Затоа што леталото слета наопачки.
Во таква позиција, соларните пенали не можеле да функционираат па за да се зачува преостанатата енергија, во јапонската агенција решиле да ја исклучат единиците. Ако фати некој зрак, би можела да оживее.
Оваа епизода покажува колку слетувањето на Месечината останува проблем за напредните држави од оваа планета (нашата држава, без ДЕА и Европол, не би можела да слета ни во Грчец), цели шест децении по првото спуштање на објект без екипаж.
Иако се плеснаа „на фаца“, Јапонците се горди на мисијата: во овој век, само 40 проценти од обидите да се слета на Месечината биле успешни. Особено се горди заради прецизноста на приземјувањето. За „пинпоинт“ приземјување се смета ако леталото се спушти поблиску од 100 метри од планираната цел. Јапонците го приземјиле на помалку од 10 метри, веројатно на 3-4.
Се разбира, логично е човек да се праша како воопшто е направена таа фотографија на јапонското летало од дистанца. Нема многу простор за мистерии и заговори. Согласно планот, непосредно пред заземјувањето, две мали роверчиња со големина на топче за безбол се одвоиле од матицата и едниот од нив успеал да чкрапне неколку употребливи фотографии.