Најопасната жена во германската политика

Не е Меркел, туку е Фрауке Петри лидерката на третата по моќ германска партија Алтернатива за Германија, која периодов предлага решенија од типот војската да биде на готовс и ако треба да пука на бегалците кои се појавуваат на границата.

"Не би сакала тоа да се случи, ама и тоа би било решение, макар и последно," изјави професорката по хемија на еден собир во Хамбург.

Ова не е прв ваков коментар во Германија, меѓутоа е прв ваков коментар од вака важен политички субјект, што сериозно ја потресува целата ЕУ околина бидејќи до сега обично извор на оваа демагогија се вообичаените маргиналци: неонацисти, екстремисти и сличен еснаф.

"Со други зборови: сите ние наоколу може да дивееме, иако би било подобро да не го правиме тоа, меѓутоа тоа можеме да си го дозволиме се додека Германија е стабилна, досадна и мирна," пишува Инес Сабалиќ за хрватски Глобус.

Иако синдикатот на полицијата веднаш се оградува од идејата на Петри, објаснувајќи дека станува збор за крајно нехумана идеја и дека воопшто немаат намера своите луѓе да ги претвораат во убијци, сепак нејзината партија успеа да стигне до 12% поддршка од гласачите. Владејачката ЦДУ/ЦСУ има 35%. Алтернатива за Германија има и 7 парламентарци во Европскиот парламент.

Алтернативата во 2013-та ја оформува Бернд Луке, заедно со неколку угледни професори и новинари. Партијата е замислена како противник на конзервативната образована германска елита предводена од Меркел, конкретно во однос на ставот кон Грција и Кипар. Во тоа време на Меркел не и пречи што на демонстрациите во Грција и Кипар по повод мерките за штедење, Германците се нарекувани "нацисти", меѓутоа не некој ова почнува да му смета.

Тогаш ставот на Луке е дека еврото не е средство за обединување туку за поделба на ЕУ, и дека е штетен за европското единство. Тој го објавува својот план за распуштање на евро-зоната. Прво од заедничката валута би отпаднале Грција, Кипар и Португалија. По нив би се повлекла и Франција, и на крај би останале Германија, земјите на Бенелукс и Финска.

Со тек на време Алтернативата почнува да го привлекува крајно десниот дел на политичкиот спектар. Засилувањето на десничарската реторика, Луке, како претседател на партијата, го брани повикувајќи се на слободата на говорот.

"Меѓутоа професорите во партијата стануваат загрижени, а и Луке исто така. Иако на еден собир го напаѓаат активисти од крајната левица, Луке станува, гледа кој сè се има насобрано околу него и изјавува 'Аплаузот доаѓа од погрешната страна.' Не е тоа она што професорите го замислуваат. Тие остро се противат на преголемата блискост со нескриено расистичката Пегида.

Неколку месеци траат фракционерските борби во партијата, по што Луке ја губи својата позиција, а на негово место доаѓа Петри. Ова се случува во јули 2015. По ова се редат коментарите дека партијата ќе пропадне по заминувањето на Луке, меѓутоа се случува обратно, и нејзините рејтинзи растат. Во повеќе германски сојузни држави, дури пет, Алтернативата ги добива изборите. Партијата ја поддржуваат неколку милиони луѓе, повеќе на истокот отколку на западот.

Партијата денес привлекува политички шлајм кој луташе по политичките и општествените маргини, но се уште не ги губи бесните демократи разочарани од двете големи партии. Ова создаде амалгам кој го поттикна Шпигел да ја прогласи Алтернативата за Германија за партија со опасни намери. Значи таму се води битка на политиката и медиумите од центарот против Алтернативата за Германија" пишува Сабалиќ.

Едно од толкувањата за подемот на Алтернативата е што од Втората светска војна на германската десница успешно и се накалемува комбинација од либерализам, конзерватизам и демо-христијанство. Сето ова време секој обид да се формира некоја подесничарска партија завршува на маргините.

"Ако ова е точно, тогаш Алтернативата е еден вид водич, ги привлекува сите незадоволни во Германија, а дел од тоа се манифестира како непријатен германски национализам. И тоа плаши. Ние останатите би сакале Германија да е стабилна, бидејќи нејзината стабилност е наша, европска стабилност. Две десни популистички партии, Националниот фронт во Франција и Алтернативата во Германија, кои растат, и големи, етаблирани партии кои не даваат доволно јасни одговори, во овој момент будат нелагодност," порачува Сабалиќ.

1 март 2016 - 12:23