Горната реклама за Пица Хат, со Горбачов во главна улога беше пуштена во САД во 1986 година, но не и во неговата земја. Нормално, за тоа сепак се разбра и неговото прифаќање да земе пари од реклама совршено се вклопи во имиџот кој за него го портретираа неговите политички противници: на оној што си ја продал државата, не му е проблем да продава ни пици.
И тоа што доби Нобелова награда се вклопи во таа слика за човекот кој на тацна му ја предаде на Запад империјата наречена Советски сојуз.
Горбачов никогаш не успеа да дојде до статусот на либерален светец каков што го имаат Мандела или Далај Лама. Веројатно затоа што неговите главни проекти, „перестројката“ и „гласноста“ маестрално утнаа и само доведоа до распад на СССР и до долготраен хаос и гангстерај поради кои е разбирлива привлечноста на „редот“ кој го воведе Путин.
Роден е 1931 година во скромна фамилија, од мали нозе работел на нива а одличните оценки и ударничкиот елан му отвораат место на Московскиот државен универзитет, најпрестижното школо во Советскиот сојуз. Уште како млад тинејџер е активен како комсомолец (комунистички младинец). Дипломира во 1955-та а во 1970 година станува партиски шеф во Ставропол.
Иако некои биографии го портретираат како дел од умерената, дури и дисидентската струја, факт е дека Горбачов го поддржал крвавото задушување на унгарската побуна во 1956, како и грубото справување на Брежњев со Прашката пролет во 1968 година.
Во ЦК влегува во 1971 година, за 10 години подоцна да ја држи страната на Јуриј Андропов против идејата на Брежњев за воена интервенција против полската непослушност. Андропов отворено го гради Горбачов за свој наследник па по неговата смрт и краткото, едногодишно владеење на Константин Черњенко, Михаил Горбачов станува прв човек и на партијата и на државата.
Со идеите за перестројка и гласност тој навестува дека е крај на конзервативизмот и железната рака од ерата на Брежњев. Но, наместо да се посвети на контролирано либерализирање на економијата како што тоа мудро го направија кинеските комунисти во 1990 година, Горбачов повеќе држеше до олабавување на медиумите и дозволување критика.
Тоа беше доволен сигнал да тргне бранот ломови во Источна Европа а САД да ја заврши работата во елиминирање на нивниот архи-непријател.
Одбивањето на Горбачов по секоја цена да ги одржува во живот државите од Варшавскиот пакт, во 1989 година ќе доведат до слободни избори во Полска и паѓање на Берлинскиот ѕид. Националните преродби во источниот блок ќе имаат одек и во самиот СССР па етнички тензии се прелеваат на Кавказот и на Балтикот каде сè погласно се бара независност.
Финалната криза се случи во судар со тврдокорниот советски естаблишмент. На 19 август 1991 година, додека Горбачов беше на одмор на Крим, тврдолинијашите прават пуч кој после два дена им пропадна, откако армијата прогласи лојалност кон Борис Елцин, влијателниот градоначалник на Москва. Горбачов беше вратен на позицијата но политички веќе беше мртов. Дава оставка во декември 1991 година и тоа означува крај на СССР.
Запад го слави Горбачов првенствено како човек благодарејќи на кој бил ставен крај на Студената војна во која светот живееше во страв од нуклеарна апокалипса. Со 25 годишна дистанца од тој крај, не сите се убедени дека тоа било хепиенд. Особено што САД и НАТО станаа единствени глобални шериф чија разузданост ја видовме во војните во Ирак, Авганистан, Србија, Либија...
Колку Горбачов имаше изгубено допир со реалноста сведочи неговиот последен обид да се врати во политиката, на претседателските избори во Русија во 1996 година, на кои главната битка се водеше меѓу Елцин и комунистичкиот кандидат Генади Зјуганов. На тие избори Горбачов решава да се понуди како независен кандидат.
Завршува со 0,5 проценти од гласовите.