Маката ги тера Французите да ги засакаат клима-уредите

Убедени дека разладувањето на домовите ја затоплува околината и го оптоварува семејниот буџет Французите се спремни да трпат летни жештини без клима-уреди. Беше потребен силен топлотен бран од Африка за да почнат да се пресметаат и да сфатат дека можеби биле во заблуда. Нема да го спречат топењето на глечерите и нема да осиромашат ако почнат да се ладат.

Франција, која вчера прогласи вонредна состојба и забрани консумирање алкохол на јавни места откако температурите се качија над 40 Целзиусови степени е еден од најголемите противници на клима-уредите во светот.

Сè повеќе луѓе инсталираат клими, но таму важи принципот: Оној што го разладува својот дом всушност го загрева комшијата, а на тој начин и целата населба и планетата. 

Апсолутно не смееме да инсталираме климатизација насекаде; тоа само би ги влошило работите... Нема да го оставам детето, внуката или правнуката на клима од утро до вечер! изјави лидерот на француската левица Жан-Лук Меланшон во петокот.

Тоа беше одговор на барањето од десничарската лидерка Марин Ле Пен владата да ја промени политиката и да даде приоритет за климатизирање на болниците, училиштата и домовите за стари лица во име на јавното здравје.

Апсурдност е да се дозволи луѓето да умираат од топлината, изјави Ле Пен.

Според анкета од почетокот на јуни, 78% од Французите се убедени дека климатизацијата не е еколошка. Во слично истражување од 2021 година, речиси 60% рекле дека „повеќе сакаат да страдаат од жештини отколку да инсталираат клими“.

Климатизацијата е вклучена во комплетот алатки на владата за справување со глобалното затоплување. Опишана е како „последно решение, кое треба да биде резервирано за најранливите“.

Поединечните клима уреди, а особено мобилните, имаат низа недостатоци со директни и индиректни влијанија: ниска енергетска ефикасност, преоптоварување на електричната мрежа, употреба на фреон-средства што придонесуваат за емисии на стакленички гасови и влошување на ефектот на урбан топлотен остров со исфрлање на топол воздух на отворено“, се наведува во документот.

Прецизниот придонес на овие уреди кон феноменот на „урбан топлотен остров“ останува релативно слабо проценет. Министерката за природна средина Моник Барбут изјави дека широката употреба на климатизација во Париз би резултирала со зголемување на температурите на ниво на земјата од 2 до 3 степени. Единствената студија на оваа тема датира од 2020 година и покажа многу поограничени ефекти, со зголемување од 0 до 0,75 степени во повеќето улици во главниот град ако сите згради се климатизирани на 23 Целзиусови, а скоковите достигнуваат до 2,4 степени при топлотен бран сличен на оној од 2023 година.

Последиците од оваа политика се погубни за луѓето. Според проценки топлотните удари  лани придонеле за околу 6.000 смртни случаи.

Долго пред да бидат конструирани првите клима-уреди, Европа изградила технологија и култура за да се справи со жештините: бела фасада, дворови со сенка, редовни проветрувања и попладневни сиести.

Истражувања покажуваат дека нивната фобија од клима-уреди нема основа. Ниту штедат многу струја ниту значително придонесуваат против климатските промени. Американските семејства, кои не можат да го замислат летото без клима-уреди, плаќаат за 50% пониски сметки за струја во споредба со Европејците. Покрај тоа, соларниот бум во Европа значи дека енергијата е и позелена и поевтина во сончевите часови.

22 јуни 2026 - 15:25