Тројца членови на екстремистичкиот еврејски верски култ Лев Тахор се прогласени за виновни за киднапирање на две деца од судот во Њујорк.
Се работи за тројца браќа кои во 2018 киднапирале 14-годишно девојче и нејзиниот 12-годишен брат од домот на нивната мајка во државата Њујорк по што девојчето било прошверцувано во странство за да стапи во врска со нејзиниот возрасен „сопруг“.
Браќата беа последните од деветтемина осомничени на кои им се судеше. Сите се осудени и се изјаснија за виновни, вклучително и водачот на Лев Тахор, Нахман Хелбранс, кој пред две години беше осуден на 12 години затвор за киднапирање и транспорт на малолетници за сексуални цели.
Децата биле принудувани на договорени бракови, физичко малтретирање, понекогаш им гореле и раце.
Патем, Лев Тахор на хебрејски значи „чисто срце“.
Сето ова се обелодени кога поранешниот член на Лев Тахор, 24-годишниот Шимон Малка, сведочеше пред федералниот суд дека помагал во киднапирање на две деца во 2018 година од нивната мајка, Сара Хелбранс, ќерката на основачот на сектата, Шломо Хелбранс, и сестра на сегашниот водач на Лев Тахор, Нахман Хелбранс.
Неколку недели пред тоа, Сара избегала од сектата лоцирана во тоа време во Мексико, по нејзиното несогласување нејзината 14-годишна ќерка да биде принудена на брак. И покрај тоа што заминал од Лев Тахор два месеци претходно, Малка учествувал во киднапирањето, надевајќи се дека така повторно ќе биде со неговата сопруга која останала со сектата. Обвинителите предложија да се ослободи од обвиненијата во замена за неговата соработка како сведок на владата.
Групата Лев Тахор е основана во Израел во 1988 година од човек по име Шломо Ерез Хелбранс. Хелбранс потоа се преселил во САД со своите следбеници во 1990 година. Групата е синоним за шеми за киднапирање и за постојано менување на локациите. Беа во во Канада, потоа во Мексико, сега седиштето им е во Гватемала.
Во 2022 година, се трапосаа во Македонија но не беа добро прифатени од локалното население па се префлуваа од Куманово па во Скопје па во Лакочереј кај Охрид.
Петар Богојески од „Македонски концепт“ им понуди на припадниците на еврејската група Лев Тахор да се сместат на неговиот имот во Крушево. „Бог е голем, а ние сме тука да помогнеме“, проповедаше Богојески.