Л.А. има полиција, ама, како за кого

Близу илјада образовни кампуси во Лос Анџелес ќе останат без полициска заштита како резултат на кратењето на буџетите за обезбедување. Ама затоа, кога Алиса Милано, актерка и гласна активистка за дефинансирање на полицијата ќе пријави пукање (нормално, на полиција), во маало ќе се нацртаат куп полициски коли, чета службени кужиња, пожарна и хеликоптер.

Два месеца откако политички поделениот школски борд на Лос Анџелес донесе одлука да го намали буџетот за обезбедување за една третина, станува јасно како ќе изгледа тоа. Деновиве биле донесени оперативни правила на таа одлука по кои во иднина, образовните институции ќе останат без присуство на униформирани и вооружени лица, како и без полициски патроли за викенд, воведени за да се спречи или намали вандализам во објектите. Одлуката засега стотици илјади ученици и студенти распоредени во преку 900 кампуси. Некои луѓе од 7-члениот одбор биле за комплетно дефинансирање на полицијата а други барале да нема никакви кратења на тема безбедност на учениците и образовниот процес. Ова што сега е на сила е демек компромисно решение.

И Алиса Милано живее во ЛА и веројатно е убедена дека ја дели истата судбина на градот со другите. Живее во елитна населба опкружена со ограда во која можат да влезат само оние кои живеат во неа и нивните гости. 47 годишната Милано е во куќа проценета на 2,5 милиони долари и ако има правда во овој свет, џамџиите треба да ѝ вратат пари бидејќи поради слаб дихтунг, во нејзиниот домашен мир пенетрирал звук кој личел на пукање од огнено оружје. Вознемирената активистка за дефинансирање на полицијата без никаква дилема свртела на омразениот 911 и пријавила пукање по што, во населбата за кратко време стигнале шест полициски автомобили полни со џандари, полициска единица, противпожарно возило а над населбата кружел хеликоптер.

Утврдиле дека никој не пукал со никакво огнено оружје туку дека разгалено синче на некој од населбата тепал верверички со воздушна.

#DefundTheGlassworkers

23 септември 2020 - 11:41