Кумовите плачат: Нема веќе мафијаши како Дон Корлеоне

Старата гарда сицилијански босови се жалат дека на мафијашите од новата генерација не им е света заклетвата и веднаш се пријавуваат за заштитени сведоци ако бидат приведени. Полиција се фали со рации и апсења, но предупредува дека Коза ностра се реорганизира, купува оружје преку даркнет и регрутира нови војници. А во Палермо се враќаат и старите волци осудени на доживотни робии, но ослободени поради „примерно однесување“. Имало значи надеж.

Кумовите на сицилијанската Коза ностра плачат по старите добри времиња кога заклетвата омерта го красела секој вистински мафијаш. Денешните голобради момчиња што ѝ се приклучуваат на мафијата, за нив се мекуши што лесно пропејуваат штом ќе ги стегнат во полиција.

За ова говорат транскриптите на прислушуваните разговори што карабинерите ги споделија со јавноста по успешната рација во која беа приведени речиси 150 мафијаши. 

Дон Џанкарло Романо, на пример, се жалел дека „калибарот на денешните мафијаши е мизерен“ во споредба со времето отсликано во легендарниот филм „Кумот“ на Френсис Форд Копола. Романо се жалел дека попусто ги советувал новите регрути да учат „за да можат да се  вмешаат меѓу адвокати и лекари, меѓу луѓето што ги водат Италија и Европа“. 

Ако сте го гледале „Кумот“, колку само врски имал. Тој бил влијателен поради моќта што ја изградил во политиката. А, ние? Што можеме ние? Ние сме на колена, браќа. Ние мислиме дека сме во бизнисот, ама не сме. Бевме број 1, сега се некои други, се жалел Романо.

Дон Џанкарло загинал во престрелка поради должничко-доверителска кавга за 2.500 евра. Неговата банда Бранкачо рекетирала ситни трговци во истоимениот кварт на Палермо. Со собирање „пицо“ од мали дуќани не се заработуваат пари, туку стравопочит од жителите, па затоа Бранкачо бил полигон на кој мафијашките регрути вежбале бруталност.

Главниот обвинител на Палермо, Маурицио де Лучиа, предупредува дека сицилијанската мафија настојува да се врати во наркобизнисот. Коза ностра пробива нови канали за комуникација, купува оружје преку дарквеб и регрутира млади луѓе за да ја обнови својата армија. 

Новата генерација добива засилување. Поради „примерно однесување“ веќе се ослободени стари босови осудени на доживотни робии, иако не пропеале зад решетки.

Не смееме да го спуштиме гардот. Мафијашите што беа осудени на доживотна робија сега се враќаат, чувајќи ги тајните за неразјаснети убиства што никогаш не ги признале, предупредува Нино Морана Агостино, чиј вујко бил ликвидиран од мафијата во 1989 година.

 

18 февруари 2025 - 13:08