Коронавирусот веќе има убиено повеќе Американци отколку нападите од 11-ти септември

Едно од прашањата што произлегува од оваа споредба е: ако САД по нападите почнаа глобална војна против тероризмот, дали досегашниот биланс на жртви е доволен за САД да започне глобална војна за заштита на човековото здравје?

На 11 септември загинаа речиси 3.000 лица, Њујорк тајмс и Си-ен-ен веќе објавија дека бројот на жртви во САД од коронавирусот е над 3.000 лица.

Процената на највисоките здравствени инстанции во САД е дека пред да успеат да ја стишат епидемијата САД ќе имаат меѓу 100 и 200 илјади починати од коронавирусот. Дури и Трамп со целото силење колку е подготвен тој и неговата администрација да се справи со коронавирусот, пред некое време изјави дека ако на крај бројот на мртви е околу 100.000 „тогаш сите ние имаме завршено одлична работа“.

Паралелите меѓу епидемијата и 11-ти септември, е и затоа што и на двете епицентарот беше Њујорк. Градот има најголем број заразени од коронавирусот, а имаше и најголем број жртви во нападите.

Правејќи споредба меѓу двата настани, докторот на интензивно во една од болниците во Њујорк, Стивен Касапидис, за Гардијан изјавува:

„11-ти септември не беше ништо во споредба со ова. Сегашните услови се библиски пекол.

Тогаш ние чекавме пациенти кои никогаш не дојдоа, ок? Сега непрестајно доаѓаат.“

Пред некој ден градоначалникот на Њујорк објави дека градот за три пати ќе го зголеми бројот на кревети и дека до мај тоа ќе изнесува 60.000. Процените се дека овие 60 илјади нема да бидат доволни. За прв пат по 11-ти септември карши Менхетен е закотвена воената бродска болница, УСНС Комфорт.

Друга сличност меѓу двата настани е дека сега се знае дека Буш пред нападите има изобилие на разузнавачки информации кои му кажуваат дека Ал Каеда планира напад, слично како што Трамп цело време беше свесен за опасноста епидемијата на коронавирус да се прошири во САД. И двајцата не преземаа доволни мерки за да го спречат тоа.

Дел од луѓето кои ја следат американската безбедност веќе препорачаа САД да ја симнат заканата од тероризам подолу на скалата, а на врвот да го стават глобалното здравје. По примерот на мерките што се преземаа по 11-ти септември, како ставање на 22 владини агенции под капата на една, Одделот за домашна безбедност, така корисно би било да се централизираат и напорите за справување со кризата.

За поранешниот директор за национална безбедност, Џон Негропонте „ковид-19 е последниот клинец во ковчегот на пост 11-ти септември ерата во која САД ги впрегна сите елементи на националната моќ за справување со напаста од насилен исламистички екстремизам.“

Сега и добар дел од разузнавачите пробуваат да излезат од целата работа со чист образ, објаснувајќи дека тие во повеќе наврати ја предупредувале Белата куќа за опасноста од пандемија, која пак како оправдание објаснува дека постојат премногу закани за на сите да може да се реагира.

Очекувањата на Метју Буроус од Алтантскиот совет се дека нема пречки („освен бирократска инертност“) зошто да не се промени начинот на кој тие делуваат во средина со нови закани, „ова е голем неуспех за САД кој оди вон глупоста на оваа администрација“.

31 март 2020 - 17:27