Светот на социјалните мрежи е можеби виртуелен, но тоа не значи дека е помалку реален од оној скроз реалниот. Со можноста за крајно персонализиран избор на пријатели, вести и постови кои се појавуваат на нашиот ѕид градиме околина која ни ги потврдува и дополнително ни ги засилува оние убедувања кои и претходно сме ги имале. Резултатот е поразувачки за каков и да е колективен консензус.
Ова се толкува како една од причините за крајно поларизираната политика на национално ниво во САД. За да се тестира претпоставката, Гардијан, еден месец пред крајот на кампањата, замолува десет Американци - петмина конзервативни и петмина либерали - да влезат во профил на човек „од другата страна“. Отворени се два лажни профила, на „Расти Смит“, аватар за десното крило, на чиј ѕид има куп конзервативни вести, организации и личности, и „Наташа Смит“, измислена личност од левицата, кај која ситуацијата е сосема различна.
Потоа на либералите им бил даден пасворд од конзервативните профили, и обратно, а од учесниците се побарало да го ограничат нивното информирање само на конкретниот фејсбук профил во тек на 48 часа по третата дебата.
Повеќето од нив едвај издржале да го испочитуваат барањето. Еден од нив, откако бил изложен на „десничарскиот“ фид изјавил: „Се чувствував како да сум под тортура“. Но осум од десетте учесници неколку пати влегувале во измислените профили, и изјавиле дека искуството им било драгоцено. Еден од „трамповците“ изјавил: „Никогаш претходно немав прочитано ништо позитивно за Хилари. Мислев дека такво нешто и не постои“. Извесен Нато Грин, комичар и писател, кој ја опишува неговата политичка ориентација како „нешто полево од Че Гевара“, вели дека до сега немал запознаено ниту еден што човек што гласа за Трамп, и дека ова било начин да го запознае нивниот светоглед.
Но не биле сите просветлени и задоволни од искуството. „Изгледаше како да си заклучен во соба полна од луѓе што страдаат од параноидни идеи“, изјавила уште една либералка. Од друга страна конзервативците се ужаснати од „перењето мозоци“ кое наводно го врши кампањата на Клинтон. Сепак неколкумина од учесниците се согласни дека конзервативниот фејсбук фид понудил малку поголем опсег мислења отколку либералниот, главно затоа што Републиканците биле поподелени во поддршката за Трамп додека либералите главно биле обединети зад Клинтон.
Кога тие се вратиле на личните профили и продолжиле да ја следат кампањата, се почувствувале како паднати од Марс. Не биле информирани за многу работи за кои во меѓувреме дебатирале нивните истомисленици на ФБ, и им требало малку време да се воведат во нештата, како воопшто да не биле на интернет сето тоа време. Но многу полошо од ова било количеството омраза со кое се соочиле, и едните и другите. Тоа само уште повеќе ги убедило во исправноста на нивните ставови, па дури и ги радикализирало.
Само во два случаи некој дошол блиску до тоа да сочувствува со другата страна, или да се премисли. Еден учесник, либерал, вели дека бил импресиониран од „луцидноста“ на пораките на десницата кои користеле зборови како „работничка класа“, „работни места“ и „економска стабилност“. Овие термини според него инспирираат надеж за промени која тешко дека може да се игнорира. Сепак, не бил подготвен да ја промени страната. За разлика од него друг регистриран Републиканец, кој најпрвин бил за Трамп, на крај решил да не гласа за ниту еден кандидат.
„Иглата се помрдна“, изјавил тој по првата изложеност на либералниот профил. „Станував сè понеодлучен колку што повеќе читав, на крај сфатив дека Трамп е навистина лош избор“.
Генералниот заклучок на сите учесници е дека мора да станат попроактивни за да ја добијат целата слика, особено ако нивен единствен извор е Фејсбук. А можеби треба целосно да се откажеме од социјалните мрежи, кои очигледно прават многу повеќе штета отколу што постигнуваат консензус околу важни прашања за заедницата, која всушност се состои од помали групи одделена со високи виртуелни ѕидови, пишува Гардијан.