По ноември 2016 ставот околу либералниот поредок се држи отприлика на две позиции, едни се прашуваат дали тој некогаш постоел и ги спорат неговите наводни предности, додека други гледаат што е можно побрзо да ги одбранат неговите минати успеси и да го оплакуваат неговиот потенцијален пропаст.
„Ако постои некој консензус меѓу овие коментатори, тоа е дека американскиот претседател Доналд Трамп претставува посебна закана за поредокот предводен од САД и базиран на правила кој наводно функционира уште од 1945.
Кога само Хилари Клинтон би била претседател, некои веруваат, САД би останале ’незаменлива нација’ која го води светот кон помилозлива иднина, а познатите елементи на поредок базиран на правила и понатаму ќе напредуваа (или барем ќе беа недопрени),“ пишува Стивен Волт во текстот за Форин полиси.
Волт нема никаков сомнеж околу тоа дека за Трамп демократијата, човековите права, владеењето на правото, и други либерални вредности немаат речиси никакво значење, „ама грешка е да се мисли дека тој е единствена причина за маките кои сега го потресуваат поредокот предводен од САД.
„Семето на нашите сегашни проблеми беше фрлено многу пред Трамп да влезе во политичката арена, и во добар дел се должат на одлуки во надворешната политика направени од поранешните претседатели Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама,“ објаснува Волт.
Грешката почнува во моментот кога по победата врз СССР, САД не се решаваат на промена и преземање на стратегија „која подобро одговара на свет без спротивставена супер-сила“. Под ова тој подразбира повлекување од регионите кои повеќе немаат потреба од обемна американска заштита и намалување на воената машинерија, додека истовремено САД остануваат подготвени за делување ако тоа затреба.
„Ова ќе ги натераше нашите најбогати сојузници да преземат поголема одговорност за локалните проблеми, додека САД ќе можеа да работат на домашните проблеми кои бараа внимание. Кога ’Американскиот сон’ дома би бил поопиплив тоа на светот ќе му покажеше зошто се исплати да се преземаат вредности како слобода, демократија, отворени пазари и владеење на правото,“ пишува Волт.
Наместо ова, и секоја американска владејачка гарнитура се решава на „либерална хегемонија“ која треба глобално да ги шири либералните вредности.
„Уверени дека ветровите на прогресот им дуваат во грб и заљубени во имиџот на Америка како ’незаменливата нација’ на светот, тие тргнаа да ја користат американската моќ за соборување диктатори, ширење демократија, санкционирање на т.нр. одметнати држави, и воведување на колку е можно повеќе држави во безбедносните институции управувани од САД.
До 2016, САД формално беше посветена на бранење на повеќе странски држави отколку во кое било друго време во историјата,“ се појаснува во текстот.
Трамп кога доаѓа на власт начекува трендови кои се крчкаат 2,5 децении, од тестирањето нуклеарно оружје од Северна Кореја, Индија и Пакистан, до истрајното непријателство меѓу Израел и Палестина, и поделениот Блиски исток.
Она што Волт препорачува дека можело поинаку да се направи е во Европа повеќе да се работи и зајакнува „Партнерството за мир“, во кое членуваат и САД и Русија, и кое со тек на време повеќе обврски ќе префрли на Европејцит, што пак ќе ги олабави Русите да не се чувствуваат дека се под закана. Освен што Русија ќе биде раат, ваквата улога ќе и даде и поголема снага и кохезија на ЕУ врз сопствените членки како Полска и Унгарија кои се додека се под закрила на САД заради стратешката позиција можат да се однесуваат како што се однесуваат кон Унијата.
Доколку Вашингтон на време малку беше порелаксиран во Персискиот залив и ги оставеше Ирак и Иран да држат рамнотежа, а малку построг кај Израел и Палестина и им ја условеше сопствената поддршка, двете теми кои подоцна го изродија Бин Ладен, Америка никогаш немаше да минува низ нападите од 11 септември и сето она што се случуваше по нив.
Вака растеретен САД повеќе ќе може да се посвети на справување со растечките амбиции на Кина, „наместо наивно да верува дека Кина со тек на време ќе стане демократска и со задоволство ќе ги почитува меѓународните правила.“
„На крајот од краиштата, повоздржана голема стратегија немаше да ја направи тортурата примамлива за американските лидери, како ни киднапирањето странски граѓани, нарачани убиства, недозволено електронско следење и останати предавства на клучните американски вредности. Исто така ќе ослободеше илјадници милијарди долари кои би можеле да бидат потрошени на засилување на нашите вооружени сили, обезбедување подобра здравствена заштита, изградба на распаднатата инфраструктура...
Да се разбереме: да се каже дека нашата стратегија главно беше неуспех не значи дека САД во се не успеаа, и не значи дека светот денес би бил совршен доколку американските лидери избраа поинаку. Меѓутоа кога човек гледа до што доведе следењето на ’либералната хегемонија’, нема сомнеж дека различен пристап би ги оставил САД (и многу други држави) во многу подобра состојба. А и либералниот поредок кој денес многумина очајно се борат да го спасат би бил во подобра состојба...
... Бранителите на нашите минати излети сега ја оплакуваат неподготвеноста на Американците да ја поддржат истата дрска глобална стратегија која создаде толку многу разочарувања. Меѓутоа јавноста има причина зошто да отфрли пристап кон светот кој толку пати не успеал, и да бара да се создаде подобра алтернатива. Некои гласачи погрешно веруваат дека тоа ќе го добијат од Трамп, но тој до сега го нема тоа испорачано и речиси сигурно нема ни до крај да го испорача. Прашањето останува: што - и кој - ќе биде потребно пред Американците да ја добијат повоздржаната надворешна политика што ја заслужуваат?“ пишува професорот од Харвард.