Терминот „меритократија“ (владеење по заслуга) прв пат е употребен во 1958 од британскиот социолог Мајкл Јанг во насловот на неговата книга „Подемот на меритократијата“. Во неа тој замислува елита која не го добива својот статус заради потекло, туку врз основа на постигнувања во формалното образование. Иако звучи како подобра верзија од првото - стекнување привилегии само заради фактот што некој е роден во аристократско семејство - „меритократија“ за него бил негативен термин, употребен во сатирична смисла, како предупредување за негативните последици од тоа образовните квалификации да се земат како клучни при одредувањето на местото во социјалната хиерархија. Според него меритократијата е дискриминирачка затоа што го исклучува од лидерство секој оној кој не успеал да биде примен во елитните образовни институции и да ги премости сите пречки кои стојат на патот до стекнување престижна диплома.
Повеќе од 60 години подоцна, Даниел Марковиц, професор по право на Јеил и автор на книгата „Стапицата на меритократијата“ повторно го актуелизира терминот во кого во меѓувреме многумина се колнеа, како во антидот на непотизмот. Меритократијата долго време изгледаше како лек а не како причина на економската нееднаковост - во 1960-тите на пример, претседателот на Универзитетот Јеил промовираше меритократски прием на престижната институција за да го прекине циклусот на создавање наследна елита. И денешните меритократи се уште тврдат дека успеваат да се издигнат на врвот врз основа на талент и напорна работа.
Но во пракса е малку поинаку: Харвард, Принстон, Стенфорд и Јеил заедно запишуваат повеќе студенти од домаќинства кои спаѓаат во врвните 1% според приходите, отколку од домаќинства од 60-те проценти на дното. И понатаму има отворени или скриени привилегии, непотизам и чисти измами кои им помагаат на најбогатите да се протнат низ системот. Но доминантната причина на ваквата неврамнотеженост во однос на богатите е - меритократијата.
Во просек, децата чии родители заработуваат повеќе од 200.000 долари годишно постигнуваат во просек 250 поени повеќе на тн. SAT тестови од деца на родители кои заработуваат од 40-60.000. Само едно од 200 деца од најсиромашнта третина домаќинства постигнува задоволителни ЅАТ резултати за воопшто да може да се квалификува за влез на Јеил. Во меѓувреме најуспешните банки и адвокатски фирми регрутираат вработени речиси исклучиво од неколку елитни колеџи.
Трудољубивите аутсајдери веќе немаат вистинска шанса. Апсолутната економска мобилност опаѓа - веројатноста дете од средна класа да заработува повеќе од своите родители е опадната за повеќе од половина од средината на минатиот век, а овој пад е поголем кај средната класа отколку помеѓу сиромашните. Меритократијата на целата ситуација и дава и дополнителен горчлив вкус - чувство на неуспех да се постигнат високи стандарди, додавајќи и морална, на постоечката економска болка.
Накратко - меритократијата има создадено таков тип на натпревар, во кој дури и доколку сите играат според правилата, пак победува богатиот. Но што точно значи „победува“ во случајов? И покрај тоа што богатите би требало да се среќни што се во игра додека многумина се исклучени, и ним не им е лесно. Не дека треба да ги жалиме, но штетата која им ја врши меритократијата и ним, со безмилосното експлоатирање на нивното скапо образование, е исто така голема. Многу часови домашна работа уште од мали нозе, запишување на секакви дополнителни активности и курсеви, неспиење, дрога и алкохол (стапките на оваа тема се повисоки помеѓу богатите студенти), депресија и анксиозност, се само некои од последиците на соочувањето со овој систем во кој постојано треба да се докажуваш како заслужен. Додека аристократите некогаш се сметале за „безработничка“ класа, меритократите на денешнината работат со интензитет без преседан во историјата.
Со оглед на тоа што меритократската нееднаквост никому не му користи, излегувањето од нејзината стапица би било благотворно за сите. И иако елитата не би требало да очекува сочувство од оние кои остануваат исклучени од привилегиите на високата каста, игнорирањето на тоа колку е опресивна меритократијата за богатите е грешка. Банкар кој работи стресни 100 часови неделно откако ги завршил сите можни престижни школи, го прави „наапан“ кога некој ќе му пререче дека има незаслужена предност. Многу подобро е тој да сфати дека сиот тој напор и не му се исплати, и дека е подобро да крене рачна, на пример да одбие унапредување во име на поздрав и поспокоен приватен живот.
И ова е само мал дел од можното решение. Останатите подразбираат отвореност и инклузивност на образовните институции, особено на приватните училишта и универзитети кои треба да ја загубат привлегијата на неплаќање даноци, освен доколку најмалку половина од нивните студенти доаѓаат од семејства од најсиромашните две-третини. Економијата треба да фаворизира стоки и услуги произведени од работници кои немаат фенси титули и образование. На пример здравството треба да се фокусира на превентивниот аспект, на оние нешта што може да ги заврши еден болничар, а не на високопарни и често непотребни специјалистички услуги. Секако, за сето ова е потребна и политичка волја за надминување на концентрираната нееднаквост. Градењето на демократски економски поредок е тешко но погодностите кои тоа ги носи за сите ги оправдуваат вложените напори.