Заинтригиран од најразличните научни истражувања, книгите ама и сведоштва на интернет, уредникот на 3QuarksDaily.com, решава да види што ќе се случи ако цела недела не јаде ништо. Во експериментот ја вклучува и сопругата.
"На денот пред да почне постењето, измеривме тежина, крвен притисок, пулс и обем на половина. За последен оброк имавме пилешко, компир, брокула, карфиол и кафеав ориз. И чоколаден пудинг. И тогаш престанавме да јадеме."
За време на "гладувањето" тие секој ден имале и некоја сериозна физичка активност (како пешачење 14 километри низ планини).
"Ова беше речиси 4 часа качување и симнување, по три дена не јадење. И бевме прилично уморни и воспалени. Меѓутоа чудната работа е што и двајцата се чувствуваме полесно за време на качувањето во оваа состојба отколку во нормални услови."
Сепак, по шест дена на вода, сопругата го прекинува гладувањето затоа што почнала да изгледа болежливо. Тој успева да ги издржи сите 7 дена, како што вели: "без никакви физички проблеми ама до крајот веќе бев психички истоштен и еуфоричен што заврши."
Деновите биле идентични. Наутро и во текот на денот се било во ред, се додека не дошло времето за ручек.
"Се обидував да завршам некаква работа, посебно работа за која треба ментална концентрација, во овој дел од денот. После пладне почна да ми станува тешко да се концентрирам на што било. Имав повеќе физичка енергија од обично и со задоволство ги вршев домашните задачи. Меѓутоа мозокот ми се селеше од една работа на друга, а моите реакции беа забавени со секој минат ден. Ако жена ми ме прашаше нешто, ми требаа 5 секунди за да го регистрирам прашањето и уште 5 пред да можам да формулирам и да и дадам одговор. Всушност несомнено станав когнитивно ослабен: еден ден по туширање и бричење, стави лосион на лицето и забележав дека не ме пецка како вообичаено. Тогаш сфатив дека всушност не сум се избричил."
Најтежок дел од денот бил од 18 до 22 часот, период во кој и двајцата "чувствувале физички и ментални тешкотии" да им мине времето.
Сепак, најголемото изненадување е кога сфатиле колку слободно време имаат заради тоа што пијат само вода.
"Се зачудив колкав дел од денот обично го посветувам на моите дигестивни потреби: мислејќи што ќе јадеш за ручек или вечера, купување храна, готвење, потоа јадење, миење на садовите, расчистување..."
На крај, по 7 дена не јадење, притисокот му бил ист како и пред да започне, ослабел 5 килограми, ама во првите 3 дена вратил 3, а еден од неочекуваните резултати е што либидото му спаднало речиси на нула (откако почнал да јаде, се нормализирало).
По првиот ден јадење и останатите параметри (физички / психички) му се вратиле на нормала.