Деновиве ЦИА за прв пат јавно објавува документи за мисијата Операција Ајакс, што е прво официјално признание на шпионската агенција дека одиграла улога во организирањето на пучот.
Иако и од тогаш не е некоја епохална љубов, токму овој момент се смета како клучен настан што ги оформува затегнатите непријателски односи меѓу САД и Иран кои траат веќе 60 години.
По Втората светска војна САД имаат две главни насоки за Иран. Прво, земјата да остане политички стабилен географски бафер, кој ќе го блокира советскиот пристап до Персискиот залив. Второ, иранските масовни нафтени резерви да останат во рацете на западните компании, кои се во земјата уште од откривањето на резервите во 1908.
Ваквите планови се пореметуваат од изборот на умерениот левичар Мухамед Мосадик за премиер на Иран во 1951. Иако Иран останува уставна монархија, на чело со Мухамед Реза Шах, изборот на Мосадик преставува историски чекор во демократската еволуција на земјата.
Една од главните цели на новиот премиер е домаќинско работење со државните богатства, односно национализирање на иранската нафтена индустрија. Иако ова е страшно популарна одлука меѓу иранскиот народ, таа е на штета на американските и британските нафтени интереси и директна закана за нивните приходи.
Игранката ја почнуваат британските разузнавачки служби кои Мосадик на ЦИА и го претставуваат како закана за глобалната борба на САД против комунизмот. По ова двете страни започнуваат со договарање и развивање на план за насилно симнување на премиерот од власт.
Планот во основа е Мосадик да биде заменет со посвитливот генерал Захиди, кој ќе владее под наредби на Шахот.
Како што Мосадик ја насетува западната завера, тој наредува апсење на поголем број заговорници, по што ЦИА одлучува да ја откаже операцијата.
Според документите, и покрај противењето на централата на ЦИА, агентот одговорен за операцијата, Кермит Рузвелт (внук на Теди), одлучува да ги игнорира наредбите што му стигаат од надредените и да продолжи со мисијата. Потпирајќи се на мрежата оформена од британските шпионски служби во Иран, ЦИА започнува бран на пропаганда и платени демонстрации кои брзо ја дестабилизираат земјата.
Во хаосот кој следува, генералот Захиди ја мобилизира армијата со цел воспоставување ред, при што ја соборува владата на Мосадик, а него го апси.
По ова Шахот се враќа во Техеран од кратката екскурзија во Рим, каде престојуваше додека да се расчистат работите кај него дома, и на задоволство на западните нафтени интереси владее со земјата во следните 26 години, се до Иранската револуција.
Триумфалните вести од Техеран вака беа пренесени од западните медиуми: