Пред околу еден месец, меѓу луѓето од Кирјас Јоел, место на саат време возење од Менхетн во кое живеат околу 35.000 eвреjски хасиди, главен муабет станува еден ветувачки третман за ковид-19, болест која наголемо ја зафаќа нивната заедница.
Извор е доктор Владимир Зеленко, 46 годишен кроток селски лекар кој има ординација близу местото. Од почетокот на март, во неговата ординација се третираат луѓе со симптоми на коронавирус, по негов „рецепт“ кој се состои од фамозниот антималарик хидроксихлорокин, антибиотикот азитромицин и цинк сулфат.
Откако медикаментниот трилинг го пробал на стотици пациенти, повеќето од нив со умерени симптоми кога му побарале помош, доктор Зеленко тврди дека 100 проценти го преживеале вирусот.
Третманот на Зеленко доѓа во вистинско време за Трамп и неговите медиумски поддржувачи кои во тоа време повеќе се занимаваат со барање чудотворен лек отколку со нормални прашања колку државата е подготвена и опремена со средства како што се маски и вентилатори.
Шон Хенити го промовира на Фокс, Зеленко добива повик од Белата куќа за да го објасни третманот, Руди Џулијани го фали во интервју затоа што „исто како претседателот, размислува за решенија а не за проблеми“ а освен Трамп, гласен поборник на антималарикот станува и бразилскиот претседател Болсонаро. Во разговор за Њујорк тајмс, Зеленко открива дека добивал повици од медиуми и државни инстанци од Израел, Украина, Русија...
Критичарите велат дека вакви потези се крајно неодговорни, дека не постојат валидни клинички тестирања за ефектите на лекот и неговата комбинација со антибиотик, дека сето тоа се мамбо- џамбо будалаштини на десничарите, но, приказната е веќе ворп-забрзана преку социјалните медиуми па почнува и да снемува хидроксихлорокин како сумамед кај нас. Педантни медиумски монитори утврдија дека Фокс го имаат спомнато антималарикот како лек за коронавирус преку 100 пати за три дена.
Јес да е селски ама Зеленко е сепак доктор, знае тој дека се потребни клинички испитувања и ги подржува но вели дека вирусот е тука, дека Трета светска војна се бие а за ранетите мора нешто да се прави. Згора на сè, тој реално никогаш не тврдел дека го има лекот за ковид-19 туку само дека тројната комбинација исклучително ефикасно им помогнала на неговите пациенти. И горд е на резултатите - од 350 луѓе кои ги третирал со комбинацијата, никој му нема умрено.
И еве го сега капакот: американската агенција за храна и лекови неделава донесе ургентна авторизација на хидроксихлорокин во третмани на ковид-19.