Јас сум од Трампов Велес

Политичари и државници во демократски држави се упатени на тоа да чекаат да видат дали идните генерации ќе го ценат нивниот труд и дела и дали нивното влегување во историјата ќе започне со стандардното именување важни работи (булевари, институции) во нивна чест. Трамп нема трпение да ги чека идните генерации да го дадат својот суд па наголемо сам се става во имињата. 

Како што завршува првата година од вториот мандат на Доналд Трамп, неговата републиканска администрација и политички сојузници го ставија неговото име на Американскиот институт за мир, на Кенеди центарот за изведувачки уметности ( "The Trump Kennedy Center") и на  нова класа борбени бродови.

Америка ги има и “Trump Accounts” за инвестиции со одложено оданочување, владиниот вебсајт TrumpRx за директна продажба на лекови на рецепт, “Trump Gold Card” виза која чини најмалку еден милион долари,  „Trump Route for International Peace and Prosperity“,  транзитен коридор вклучен во договорот меѓу Ерменија и Азербејџан.....

Деновиве присуствуваше на церемонија во Флорида на која 6 километарска делница од булевар беше именувана во „Булевар на претседателот  Доналд Џ. Трамп.“ Делницата води од меѓународниот аеродром во Палм Бич до неговиот имот Мар а Лаго. 

Без преседан е актуелен претседател да прифаќа почести од ваков број и обем, особено од неговата администрација. Претходните актуелни претседатели обично биле почестени од локални инстанци кои именувале училишта и патишта по нив, но исклучително ретко е аеродроми, федерални згради, воени бродови и други владини поседи да бидат именувани по некој што е сè уште на власт.

„Никогаш претходно во историјата не сме именувале работи по претседател кој сè уште бил на функција“, вели Џефри Енгел, директор на Центарот за претседателска историја на Јужниот методистички универзитет во Далас. „Може дури и да се прошири тоа за да се каже по претседател кој е сè уште жив. Ваквите комеморации треба да бидат токму тоа - комеморации.“

Портпаролката на Белата куќа, Лиз Хјустон, изјави дека веб-страницата TrumpRx, мировните договори и другите дела се „историски иницијативи што не би биле можни без храброто водство на претседателот Трамп.“

Потсетуваат и дека главниот град е именуван по претседателот Џорџ Вашингтон, а браната Хувер е именувана по претседателот Херберт Хувер додека двајцата биле претседатели.

За Трамп, ова е само продолжување на неговиот омилен начин на брендирање кога го лепеше своето име со големи златни букви на луксузни згради и хотели, казина и разни производи како вратоврски, вина и стекови.

Се зборува дека на сопствениците на НФЛ тимот од Вашингтон Трамп им нафрлил дека би сакал неговото име да биде на новиот стадион. Тие не ја коментираа гласината но портпаролка на Белата куќа рече дека е тоа прекрасна идеја. 

Спомнатиот историчар вели дека најлесен начин да се добие пристап или некоја услуга од Трамп е да се тинтра неговото его.  

17 јануари 2026 - 10:11