До проценката на бројот е дојдено со комбинација на сателитски снимки, вештачка интелигенција, пописи на шуми и повеќе од 400.000 мерења од земјата.
3 илјади милијарди и кусур дрвја, односно 390 по човек е само почетокот на приказната. За да се разбере што навистина значи тој број, треба да се погледне и каде се наоѓаат тие дрвја, колку сме изгубиле и зошто заштитата на постоечките шуми е поважна од садењето нови.
Новата проценка е над осум пати поголема од претходните кои сугерираа дека Земјата има само околу 400 милијарди дрвја. Но, научниците првенствено се потпираа на сателитски снимки што ја покажуваат шумската покривка. Проблемот е што сателитите откриваат каде постојат шуми, но не и колку се густи.
Најгусти се бореалните шуми на северот: Канада, Алјаска, Скандинавија и Русија, каде што студената клима поддржува густо збиени четинарски шуми.
Сепак, најголемиот вкупен број дрвја се наоѓа во тропските и суптропските шуми на Јужна Америка, Централна Африка и Југоисточна Азија. Овие региони држат над 40% од сите дрвја на Земјата, главно затоа што тропските шуми покриваат огромни области и покрај тоа што имаат малку помала густина. Само амазонската дождовна шума содржи стотици милијарди дрвја, што ја прави еден од најбогатите шумски екосистеми на планетата.
Можеби најотрезнувачката статистика не е колку дрвја останале туку колку исчезнале. Врз основа на историското моделирање, истражувачите проценуваат дека Земјата изгубила околу 46% од своите дрвја од почетокот на човечката цивилизација. Земјоделството, урбаната експанзија, сечата, рударството и развојот на инфраструктурата имаат проголтано огромни шумски предели во текот на илјадници години.
Кампањите за садење дрвја се едни од најпопуларните климатски акции во светот, но решението е покомплицирано од садењето милијарди садници.
На младите дрвја им се потребни децении за да созреат, а многу засадени шуми се состојат само од еден или два вида. Ваквите плантажи често складираат помалку јаглерод, поддржуваат помалку животни и се помалку отпорни на суша, болести и пожари од природните шуми.
Истражувачите сега нагласуваат дека заштитата на постојните шуми генерално носи поголеми еколошки придобивки отколку нивното подоцнежно заменување. Зрелите шуми веќе складираат огромни количини јаглерод, ги регулираат врнежите од дожд, го зачувуваат биодиверзитетот и одржуваат здрави почви. Функции за кои на новозасадените шуми може да им требаат многу години, ако воопшто ги биде.