
Жителите на Бока Чика, со огромно мнозинство од 173 наспроти 4 изгласаа нивното место во јужен Тексас да добие статус на град и да го промени името во Старбејс. Официјално ги предадоа клучевите од градот на новиот газда – компанијата Спејс Икс на милијардерот Илон Маск.
Резултатите од гласањето беа сосема очекувани. Од вкупно 283 гласачи, дури 260 се вработени во Спејс Икс, зашто во Бока Чика е лоциран центарот за лансирање ракети. На трите раководни позиции во градската управа се сегашни или поранешни вработени во компанијата на Маск.
Новиот статус не значи дека Спејс Икс може да усвојува какви сака прописи, но ќе го има главниот збор за темпото за развој на областа. Градската комисија ќе има надлежност за поделба на зони, одобрување на градежни проекти, но и обврска да се грижи за квалитетот на животот.
Старбејс денес воопшто не наликува на Бока Чика од пред неколку години. Од населба за пензионери покрај море прерасна во индустриски центар со голем производствен погон покрај плажата, рампа за лансирање и административната зграда.
Референдумот бил распишан зашто компанијата имала легални проблеми да изгради домови за стотици вработени што сакале да живеат поблиску до работните места. Во Старбјес живеат 260 вработени и уште толку членови на нивните семејства. Уште 3.100 работници секој ден доаѓаат на работа од Броунсвил, најблиското место што навистина наликува на град.