Илон Маск се соочува со имиграциски проблеми за наводно нелегално работење во Америка без дозвола за работа и веројатно би можел да биде депортиран, му дојавил на Њусвик правен експерт.
Најновата хајка против него претходно ја започна Вашингтон Пост обвинувајќи го Маск дека работел нелегално во САД, притоа повикувајќи се на „поранешни деловни соработници, судски досиеја и документи на компанијата“.
„Работењето без дозвола е јасно прекршување на законот за имиграција и тоа би го направило Маск подобен за депортација“, рекол Стивен Јејл-Лоер, професор по имиграционо право на Корнел. „Покрај тоа, ако не ја спомнал својата работа кога аплицирал за натурализација, теоретски може да му биде одземено државјанството“.
Пост тврди и дека имиграциската ситуација на Маск била толку сериозна што инвеститорите своевремено одбивале да му ги дадат милионските бонуси, додека тој не го расчисти својот статус за што му дале рок од 45 дена.
Имиграцијата е тема со која Маск во последно време интензивно се занимава (види: Маск го подигна влогот за изборот меѓу Трамп и Камала). BBC преброиле дека тој во последните три месеци, ја коментирал темата 22 пати на Икс. Се надоврза Ролинг Стоун пишувајќи дека тој мава по таа тема „за да го избегне прашањето како тој станал американски државјанин“.
Пост тврди дека дека во 1995 година, Маск бил примен на постдипломски студии на Универзитетот Стенфорд, но не се запишал на часови. Наместо тоа, ја искористил студентската виза за да остане во САД и да работи на она што на крајот ќе стане компанијата Zip2.
„Одиш директно во гулаг ако тие победат. Ќе има хеликптерска рација в зори. Целиот имот ќе ти биде запленет без сослушување. Законите ќе бидат игнорирани. Ќе те извалкаат во медиумите. Навистина се надевам дека Трамп ќе победи“, коментираше Ким Дотком.