Милионер: Па и не е нешто посебно да си милионер

Одговорот е на дечко кој пред да наполни 30 години заработува 15 милиони долари од продажба на својот старт-ап. Тој во основа објаснува: подобро е да си богат отколку да не си, ама не е ни приближно добро како што си замислуваш.

Прашањето на Куора е - дали се исплати да станеш богат? Иако не може да се потврди дали е вистински идентитетот на човекот и она што го зборува како свое резиме, се исплати да се прочита неговиот одговор:

Одговорот е малку покомпликуван.

Прво, единствената работа што ти ја гарантира богатството е што повеќе не мора да се секираш за пари. Повторно ќе има трошоци што нема да можеш да си ги дозволиш (а би сакал да можеш), ама најголемиот дел од работите може да бидат покриени без да размислуваш колку чинат. Ова дефинитивно е подобро. Нема дилема.

Сепак, да си богат има и некои негативни страни. Прво нешто што ќе си помислиш додека го читаш ова е "те молам кажувај ми колку ти е тешко." Токму ова е еден од проблемите. Не ти е дозволено никогаш да се жалиш за ништо. Бидејќи најголемиот дел од луѓето го замислуваат богатството како еден вид нирвана, па повеќе не ти е дозволено да имаш каква било човечка фрустрација пред други. Сепак, ти и понатаму си човек, ама мнозинството не те третираат како таков.

Има и друга негативна страна. Најголемиот дел од луѓето сакаат нешто од тебе, и е многу потешко да процениш дали некој е добар со тебе затоа што му се допаѓаш, или пак е добар со тебе заради твоите пари. Ако не си во брак, тогаш со среќа во откривањето (и/или постојаниот сомнеж) дали партнерот е со тебе заради тебе или заради твоите пари.

Потоа тука се семејството и пријателите. Ако е се' како што треба твојот однос со нив нема да се расипе, ама секако ќе стане потежок. Работите и со двете може да станат многу чудни и да почнат поинаку да те третираат. Тие може да дојдат и да побараат заем (лоша идеја, ако даваш секогаш давај како подарок). Еден од најчестите проблеми е што тие нема да им се радуваат на твоите Божиќни подароци на ист начин како што порано им се радувале, тие сега може да имаат нереални очекувања за тоа каков поклон ќе добијат од тебе и се разочаруваат кога нема да ги оствариш нивните нереални очекувања. Мора да почнеш да носиш одлуки за твоите родители околу тоа што е, а што не е прескапо, и ако сум искрен, тоа станува чудно.

Собери ги сите овие работи на едно место и ќе почнеш да добиваш одредено чувство на изолација.

Понекогаш, доцна навечер лежиш буден, размислувајќи дали си донел правилни инвестициски одлуки, и дали можеби се што имаш ќе исчезне. Го знаеш она чувство кога стоиш на врв на висока зграда, чувство дека може во еден момент да излудиш и да скокнеш? Понекогаш си загрижен дека баш така можеш да излудиш и се' што имаш да потрошиш.

Следната работа што треба да ја разбереш околу парите е ова: сите работи што ги гледаш и ги замислуваш заради тоа што не можеш да ги купиш кога си сиромашен, ти се привлечни само затоа што не можеш да си ги дозволиш (или треба многу напорно да работиш за да ги добиеш). Може си се загледал во некое ново Ауди - ама во моментот кога ќе можеш истото лесно да си го дозволиш, тоа повеќе не ти значи толку многу.

Се' е релативно, и ти си повеќе или помалку безмоќен околу тоа. Да, во првите неколку месеци ќе го возиш аудито, или ќе јадеш во скапи ресторани, и навистина ќе уживаш во тоа. Ама потоа некако се навикнуваш на тоа. И потоа почнуваш да гледаш кон следната работа, кон следното ниво. И проблемот е што ќе мора да ги штелуваш очекувањата, бидејќи се' под тоа ниво повеќе не те возбудува.

Ова му се случува на секого. Добрите луѓе може да ја задржат перспективата, активно да се спротивставуваат на ова, и да останат приземјени. Полошите луѓе се жалат околу ова и генерално се однесуваат како куртони. Ама запамети: ова ќе ти се случи и на тебе иако мислиш дека нема. Само треба да ми веруваш за ова.

Најголемиот дел од луѓето имаат илузија дека кога би имале повеќе пари нивниот живот би бил подобар и тие би биле посреќни. Потоа ќе се збогатат и тоа не се случува, и тоа може да ги фрли во сериозна животна криза.

Ако си дел од средната класа, имаш подеднакво многу шанси што сакаш да направиш со својот живот. Ако сега не си среќен, нема да бидеш среќен ни кога ќе ги добиеш парите.

Без разлика дали си богат или не, направи го животот тоа што ти сакаш да биде, и не ги користи парите како изговор. Излези, инволвирај се, биди активен, следи ја својата пасија и направи разлика.

17 јули 2014 - 13:13