Доријан Абот е геофизичар на Универзитетот во Чикаго. Како признание за неговите истражувања на климатските промени, МИТ го покани да одржи предавање на една тематска дебата која се одржува еднаш годишно а има за цел да „со пошироката јавност да комуницира нови возбудливи резултати во климатските науки“.
И тогаш, започнува кампања за откажување на неговото предавање. Некои студенти и професори, на Твитер го повикаа универзитетот да ја повлече својата покана. И нормално - МИТ зацвикува, станувајќи уште една голема американска институција чија „посветеност на слободата на говорот“ која грми на нивната веб-страница, испарува во истиот момент кога некои врескачки гласови на социјалните медиуми ќе побараат нечија глава.
Конкретната приказна е нешто повеќе од сличните примери за неслободарскиот дух кој ги има запоседнато американските кампуси и сугерира дека забревтаната цензура крај нема.
Дали Абот ги негира климатските промени? Или можеби направил некое страшно злосторство? Не, тој само ги искажа своите ставови за начинот на кој универзитетите треба да примаат студенти на страниците на едно националното списание.
Уште во август, Абот и негов колега, во Њусвик ги критикуваа иницијативите на кандидати за прием во школо или вработување да им се дава предност врз основа на нивниот етнички или расен идентитет (Читај: Охридски рамковен договор). Наместо тоа, Абот се залага за враќање кон оние вредности на кои се должи американскиот успех: а) квалификации, знаење и заслуги, б) фер и в) еднаквост (Merit, Fairness and Equality - MFE). Со други зборови, професорот се залага апликантите да бидат „третирани како поединци и оценети преку ригорозен и непристрасен процес само врз основа на нивните заслуги и квалификации“.
За некому да му се отворат очи каде води наводната „прогресивност“ на некои модерни идеи, Абот потсетува на нацистичка Германија:
Пред 90 години Германија ги имаше најдобрите универзитети во светот. Потоа на власт дојде идеолошки режим опседнат со расите и избрка многу од најдобрите научници, уништувајќи ги факултетите и доведувајќи ги до продолжено распаѓање од кое германските универзитети никогаш целосно не се опоравија. Треба да го гледаме ова како предупредување за последиците од фаворизирањето на припадноста кон групите пред нечии индивидуални заслуги и способности. И да го исправиме нашиот курс пред да биде предоцна.
За некои, ваквата аналогија е невкусна, незграпна или претерана но ако секоја аналогија со Третиот рајх се смета за основа за нечие откажување, тогаш стотици професори и илјадници колумнисти веќе не би биле добредојдени во камповите.
Инаку, ставовите на Абот се слични на оние што ги има мнозинството од американското население. Според една неодамнешна анкета на Истражувачкиот центар Пју, 74 отсто од Американците веруваат дека при донесувањето одлуки за вработување, компаниите и организациите треба „да ги земат предвид само квалификациите, дури и ако тоа резултира со помал диверзитет“.
За да биде ситуацијата уште полигава, откако му откажале учество на големиот настан, МИТ го поканил Абот да одржи говор пред некоја помала група слушатели. Да не се чуе до Твитер.