
Администрацијата на Доналд Трамп пробува повторно да ги ангажира експертите за нуклеарна безбедност на кои пред само неколку дена им испрати писма со откази, за да ја пополни дупката во националната безбедност.
Вработените во Националната администрација за нуклеарна безбедност (ННСА) беа на списокот со стотици службеници на кои Министерството за енергетика им даде отказ. Но, тие не се обични административци, туку инженери задолжени за дизајнирање, конструирање и надгледување на нуклеарниот арсенал.
Отпуштањата се дел од масовната чистка во федералните служби, која почна веќе на првиот ден од вториот мандат на Трамп со цел да се заштедат стотици милијарди долари од буџетот.
Од ННСА биле отпуштени повеќе од 300 вработени, изјавиле извори за локални медиуми. Претставник на Министерството за енергетика тврди дека биле отпуштени „помалку од 50“ луѓе.
Колкумина и да се, проблемот е што Министерството сега не може да ги пронајде.
Отказите за некои приправници и нововработени се поништени, но немаме добар начин како да стапиме во контакт со тој персонал. Ве молиме соработувајте со вашите надредени за да ја испратиме оваа информација до личните електронски адреси на овие луѓе, пишувало во меморандум испратен до оние што останале во канцелариите на ННСА.
Вработените во ННСА тврдат дека тоа не е вистина.
Ова е клучен момент. Кратењето на федералната работна сила неопходна за тие функции во најблага форма е пропуст, а во најлоша опортунистичко и злонамерно, објавил на линкдин Роб Плонски, шеф на одделение.
Се проценува дека околу 75.000 вработени во јавната администрација на САД ја прифатиле понудата доброволно да заминат до наесен. Во изминатата недела биле отпуштени уште 10.000 вработени, оценети како „непотребни“ од агентите на Одделението за владина ефикасност (ДОГЕ) испратени низ федералните агенции.
ДОГЕ им нареди на сите агенции да ги отпуштат речиси сите кои биле на работните места помалку од една година и поради приправничкиот статус не се заштитени со закон.
Во ННСА работат и луѓе што не се грижат само за употребливоста на атомското оружје, туку и за безбедноста на магацините. Отпуштени се, на пример, луѓе од нуклеарната постројка Ханфорд во сојузната држава Вашингтон, каде што има 177 резервоари со отпад од дамнешно производство на плутониум за атомски бомби, или од Резерватот Оук Риџ во Тексас, каде што бил спроведен Проектот Менхетн.
Во овие комплекси има луѓе што таму го поминале целиот свој работен век, но и пред отпуштањата имаше криза со искуство, поради засилениот бран пензионирања во изминатите неколку години.
Кризата со кадри ги погодува САД во чувствителен момент, кога Вашингтон спроведува иницијатива од 750 милијарди долари за модернизација на нуклеарниот арсенал. Иницијативата вклучува конструирање нови интерконтинентални балистички проектили, нови бомбардери со „стелт“ технологија и нови нуклеарни бојни глави за проектили што се лансираат од подморници.
Токму поради овие проекти агресивно беа вработувани млади експерти, кои сега спаѓаат во категоријата „приправници“. Дури 60 отсто од вработените немаат ни пет години стаж.