Австралиската влада го имаше најригорозниот пристап во борбата против епидемијата на коронавирус во светот. Од март 2020 година, целиот континент во неколку наврати беше целосно заклучен. Применета е стратегијата за „нулта ковид“, што значеше целосна изолација секогаш кога ќе се појави некој епицентар на инфекцијата.
Ништо не работи, луѓето не одат на работа, не може да се оди од една сојузна држава во друга. Многумина не ги виделе своите семејства речиси две години. Австралија беше изолирана од остатокот од светот. Се зборуваше за масовна „депресија“ и „очај“.
Дури и најмалите кластери на инфекции биваа веднаш целосно изолирани. Колку за пример, Мелбурн беше заклучен дури шест пати. Најдолгиот карантин во светот заврши во државата Викторија дури на 21 октомври минатата година: траеше 262 дена, додека не беа вакцинирани над 70 отсто од населението над 16 години.
За време на карантините беа забранети домашните посети, училиштата, фризерите, угостителските објекти - сè под катанец. На луѓето им беше дозволено да излезат на улица само за најосновните работи.
И на крајот од таа голгота, Австралија забележува просечно околу 70.000 нови инфекции дневно во изминатите седум дена. И покрај огромната површина, земјата има нешто повеќе од 25 милиони жители.
Иако многумина ја критикуваа политиката на постојано затворање, таа носеше добри епидемиолошки резултати: до средината на декември минатата година, Австралија регистрираше околу 260 илјади заразени од почетокот на пандемијата, со нешто повеќе од две илјади смртни случаи.
Ситуацијата почна да се влошува со појавата на сојот омикрон, па се чинеше дека ќе дојде до ново затвторање. Но, на крајот на декември, премиерот Скот Морисон рече дека Австралија нема да се врати на старо и дека ќе треба да се живее со короната.
Властите веројатно проценија дека е можно нов локдаун да доведе до масовен револт и бунт, бидејќи на Австралијците им е доста од сè. Држабвата секако нема проблем со одзивот на населението на вакцинацијата - над 90% од луѓето над 16 години се вакцинирани. Оние кои не се, и немаат медицинско оопрвадување за тоа, се соочуваат со „катанец за невакцинираните“. Таквите можат да ја напуштат изолацијата само за на лекар и во дуќан.
Отвореното првенство на Австралија ќе биде организирано со намалено присуство на публика и задолжително носење заштитни маски. По сите пресврти во пандемијата, не е изненадувачки што Австралијците се лути што Новак Ѓоковиќ, онака невакциниран, сака да учествува на турнирот, што е поттикнато од интензивното медиумско покривање на сомнежите околу неговото медицинско изземање.
Оценувајќи дека Австралија сама се изрезили со случајот Ѓоковиќ, Брендан О' Нил од Спајкд ќе напише:
„Проблемот не е во митологизираното избегнување на правилата од страна на Ѓоковиќ. Проблемот се самите правила. Некои дури сега се огорчени што дозволија да бидат затворени две години, и сега таа горчина ја истураат на тенисерот. Малку помалку омраза за Ѓоковиќ и малку повеќе саморефлексија и себепреиспитување е рецептот што ѝ треба на Австралија во моментов“.