Роден во Скопје ’80-та, имам живеено пола живот на Балкан и пола на ‘Запад’. После 15год Македонија, 15 Англија, пет Подгорица, и по три Брисел, Тирана, Белград, се чувствувам како прав балкански-европеец, па и така почнав да се претставувам (штом видов дека мнооогу повеќе сме исти него што ни кажуваат).
Сепак, сакал неќел, родниот град и родната земја ми се слабата точка. Од ’92-ра наваму се имам вратено дома сигурно над 100 пати. Тоа е тоа — можеш да го извадиш детето од Балканот, ама не Балканот од детето, нели. Но, еве после 101-вото враќање, имам потреба нешто да предложам, бидејќи моето маало, мојот град, и мојата земја не сум ги видел во полоша состојба. Запуштени, занемарени, оставени сами себе да се изглодаат однатре.
Падот, или поточно застојот, беше бавен, скоро неприметлив, но е повеќе од јасен кога ќе се вратиш во една од соседните земји каде си живеел пред 10 години. Секоја им чест на нашите комшии. Значи можело…
Е сега, не сум тука за да плукам, пцујам или само-сожалувам. Нема време за тоа — ситуацијата не е ни за критикување, ни за алармирање туку за дејствување. Затоа, сакам да споделам пет предлог-потези што со денови ми се вртат во глава и кои верувам дека би ја свртеле работата кон подобро. Тие се едноставни, брзи и конкретни, бидејќи една предност на мала земја е што може побрзо да промени правец ако треба (плус знам дека дури и најмалите промени водат до големи резултати):
1. ПРОМЕНА НА ВРЕМЕНСКА ЗОНА:
Со години велам дека Македонија е во погрешното време. Не може ние да сме во истата зона со Мадрид, на пример, и да бидеме ‘Земјата на сонцето’ а да имаме најмалку светлина во Европа во зима! Знаеме дека е тоа остаток од Југославија, и дека немале време да се бават со тоа во ’91-ва, но можеби токму со тоа требало. Како да градиш држава ако од самиот старт, од “Колку е часот?”, си грешка?! За ова нит ни требаат пари, нит тендери, туку буквално само ништо да не направиме на крајот на октомври и да кажеме дека од сега сме +2 GMT.
2. ЗЕЛЕН БРАН ПО СКОПСКИТЕ БУЛЕВАРИ:
Едно време на Партизанска, Илинденска и Јане Сандански ова го имавме, само треба да го вратиме. Да си знаеш дека кога ќе ти се отвори семафорот кај Соборна, за три-четири минути ќе стигнеш до мостот на ОН.. или од последна 5ка до Железничка. Како и градот, и сообраќајот мора да дише, а ќе се намали гужва и ќе се зачуваат многу живци. (А да, и семафорите што се само за пешаци мора да бидат на копче!)
3. СПРАВУВАЊЕ СО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ:
Отсекогаш сум бил и ќе бидам за правата на животните, ама едноставно не може во урбана средина да се шетаат и да владеат чопори. Пред некој ден, онака, ме подгризна по нога еден од трите ѕверови кои лежат пред Наџак. Му се свртев, го опцув, избега, ама да се случеше тоа на некое дете пред мои очи ќе го бркав и ќе го тепав. Сè си има граници. Кога бев мал го немавме овој проблем, но иако не велам дека сум за тогашните решенија, нешто мора да се преземе. Нека кажат од соодветните организации кој е најхуманиот начин да ги тргнеме од улиците, но да ги тргнеме мораме.
4. ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА НА СИТЕ ДРОГИ:
Ова не значи легализација, туку негонење на приватната употреба и поседувањето на наркотици. Околу 25 земји веќе имаат декриминализирано одредени дроги, додека Германија и Португалија тоа го направија за СИТЕ дроги пред повеќе од 25 години (и резултатите се несомнено импресивни). Нема зошто полицијата да тепа и апси тинејџери кои првпат дуваат џојнт позади зграда, кога треба да се бави со поважни работи. Меѓу другото, полицајците треба да се шетаат низ нашите маала, да се знаат со жителите, да градат доверба и чувство на безбедност, бидејќи кога имаме проблем каде прво се јавуваме?! Не може да ги мразиме а да очекуваме спас од нив кога ни требаат. Потребна е взаемна почит.
5. ПРАВА ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА:
Еколошките права не се ништо ново, но Македонија би можела да биде една од првите да ѝ даде целосни законски права на Природата, како што направи Еквадор во 2008. Не зборувам тука за некаквиси “национални стратегии”, туку за озбилно кривично гонење за сечење и палење шуми, фрлање отпад во реки и езера, ловење животни за спорт…, особено во Националните паркови. Како што стојат работите, ние најмалку си ја сакаме својата земја. Разбирам да не си ја сакаш државата (бидејќи, реално, што има направено државата за нас?), но да не си ја сакаш земјата — почвата која не само што не е крива за ништо, туку сè ти има дадено — е еднакво на самоуништување. Ние нашиот гнев према нашата пропадната држава го фрламе врз нашата животворна земја, а тоа е криминал што мора кривично да се гони, со најозбилни казни.
Сакам да се фокусираме на решенија. САКАМ МАКЕДОНИЈА ДА МИ БИДЕ СИЛНАТА, а не слабата, ТОЧКА!
Со надеж дека ќе поттикнам дискусија и предлози за други едноставни промени кои би можеле да ни ги осветлат утре и задутре… а потоа и да ги воведеме тие предлози!
Нека ни е за многу години празникот, ама мораме да поработиме за доброто на сите нас.
Со почит и љубов,
Иги Стефановски
********
Од истиот автор:
Роденденско писмо на Игор Стефановски (2013-та година):