Гледав како почнуваат војните на Балканот, сега ја гледам Америка

На почетокот од летово како што минував покрај колоната мртовечки коли паркирани пред локална њујоршка болница, се сетив на честите посети во мртовечницата во Сараево каде луѓето ги бараа своите исчезнати во војната од пред четвртина век. Гледајќи што се случува низ земјава, сликите од војната во Босна и од годините живеење меѓу граѓанските војни на другите луѓе, почнаа да ми се прелеваат во мојот секојдневен и бессон живот.

„Кои беа инцидентите што ги вовлекоа во војна, кои беа знаците, кога гневот и стравот се претворија во насилство, како стравот ја порази надежта? Не мислам дека сме стигнати до таму. Ниту верувам дека некогаш ќе бидеме. Ама па ни тие не мислеа така,“ пишува Елизабет Рубин во текстот за Интерсепт.

Рубин раскажува дека во 1990-те живее во Сараево во зграда во Башчаршија. Таа живее со поранешната новинарка Вера, инаку Хрватка, чиј поранешен сопруг е полу-Хрват, полу Евреин, а актуелниот сопруг Драго е Србин. Соседите во зградата се речиси копија на Сараево, па тие што се баш над нив се евреин босански Хрват, неговата сопруга Босанка муслиманка и нивниот син.

Во тоа време, иако веќе во Хрватска е почната војната, Вера не верува дека ќе има војна во Босна, додека за Драго Вера е премногу наивна и и објаснува „Војната во Босна... војната ќе биде подолга и покрвава отколку каде било друго.“

Драго е и малку постар од Вера па во Втората светска војна се бори од страна на партизаните, и завршува во концентрационен камп во Австрија. Во месеците пред да експлодира Босна, тој на своите патувања кон северот на Босна, каде Србите имаат прогласено автономна држава, веќе забележува паравојници со долги коси и бради, со обележјата што Драго ги знае уште од Втората светска војна - „Четниците се вратија“.

Денес Рубин на американските улици гледа агресивни брадести мажи со торби со муниција, како носат автоматско оружје и комбинација од симболи - свастики, бесилки, знамето на Конфедерацијата, черепи пробиени со стрели и зборови како „смрт“ и „победа“ - исто како кабала од четници. Се мобилизираат речиси инстантно преку најразличните интернет платформи. Се собираат за да го „одбранат својот град“ (Кеноша), а и се закануваат со линчувања и обезглавување на гувернерот на Мичиген.

„Драго неодамна умре, меѓутоа и понатаму го слушам како ми вели 'не биди магаре'. Така ми викаше. И тоа многу. Обично затоа што не забележувам знаци на проблеми, и затоа што не сум претпазлива.

Во Сараево, муабетите се ширеа низ училиштата, болниците, редакциите, канцелариите. Србите пријатели и колеги нагло заминаа за Белград да се видат со семејството, или одеа во родното село, или беа на лекување или едноставно исчезнаа.

Сепак малкумина веруваа дека војната ќе дојде во Сараево. Меѓу 29 февруари и 1 март 1992, Босна одржа референдум за независност од Југославија. Преовлада речиси едногласно 'да'. Освен што областите под српска контрола го бојкотираа гласањето. Всушност, тие веќе прогласија одделен устав.

На 1 март, српска свадбена поворка оди кон старата православна црква во Башчаршија. Во нив се пука. Таткото на младоженецот е застрелан и убиен. Исто и попот. Сараевчани беа згрозени но не беа изненадени кога се прочу дека убиецот е локален криминалец по име Ќело.

Веднаш лидерите на босанските Срби покажаа со прст - гледате? Бевме во право. Независна Босна значи смрт за Србите.

Веднаш се кренаа барикади зад кои застанаа вооружени Срби. Студентите кои се обидуваа да ги тргнат барикадите беа убиени. А се кренаа и барикади зад кои застанаа Ќело и другите криминалци. Доста брзо босанската влада формираше и сопствена недоволно моќна армија.

Во април сараевчани се уште веруваа дека мирот е возможен. Бидејќи сакаа мир. Бидејќи чувствуваа мир. Тие не може да сфатат дека некој би сакал војна. Стотици почнаа да маршираат во Добриња, предградието направено за Зимската Олимпијада 1984. Стотиците станаа илјадници, а илјадниците десетици илјади.

Протестите продолжија и следниот ден. Околу 100.000 сараевчани повикуваа на мир. И тогаш пукотниците повторно одѕвонија. Куршумите погодија десетици демонстранти. 14 беа убиени. Полицијата заклучи дека српски снајпери пукале во толпата од Холидеј ин, истиот хотел во кој ќе отседнат меѓународните медиуми за време на три и пол годишната опсада на градот.

Дента, на 6 април, Босна беше меѓународно признаена како независна држава. И опсадата започна.

Опсадата на Сараево, најдолгата во современета историја на Европа, беше брутална и извитоперена, а сепак многу интимна. Самата интимност направи да биде толку незамисливо дека пријателите и соседите би можеле да се свртат еден против друг. Како го можеа тоа? Како ние можеме?

Еден босански Хрват, писател и боксер, кој го знаев остана да го брани градот. Тој ми кажа дека неговиот најдобар пријател е на другата страна во армијата на босанските Срби. Преку ден тие пукаа еден на друг. Навечер, тие се слушаа на телефон и плачеа.

Исмет Цериќ, првиот човек на психијатрија во главната болница во Сараево, повеќе од 20 години му бил претпоставен на Караџиќ. Тој ми кажа дека истиот ден кога Караџиќ наредил гранатирање на Сараево, српскиот лидер се јавил и кај мајката на Цериќ во Сараево за да и честита Бајрам.

Што е тоа што ги претвора граѓанските несолгасувања во граѓанска војна? Добро планирана агенда, харизматични лидери и страв. И веројатно една последна состојка која ги обединува сите три: сведување на историјата и сите нејзини комплексности во наратив за колективна судбина - нашата против нивната, ние против нив,“ пишува Рубин.

Враќајќи се на Њујорк 2020, Рубин објаснува дека голем број њујорчани избегале од градот. Рестораните и продавниците почнале да се празнат. Тие што останале почнале да размислуваат за или веќе купиле оружје.

Впечатокот што на неа и го пренесува автор од Шарлотсвил, Вирџинија, е дека во заедниците со ниски примања има чувство „дека толпата доаѓа и никој нема да ги одбрани освен нивното лично оружје.“ За нив недовербата кон полицијата е запечатена во 2017, кога во градот доаѓаат да протестираат ККК и други расистички организации. Кога полицијата излегува да ги раздели протестите, таа е со грбот кон ККК а свртена е кон локалците кои дошле да протестираат против расизмот.

Њујорк тајмс неодамна објавува разговор со жителите на округот Ири во Пенсилванија, во кој луѓе од „двете страни“ порачуваат дека се подготвени за насилство доколку победи противничкиот кандидат.

„Симпатизерите на Бајден и Трамп живеат рамо до рамо. Некогаш и во исто семејство. Сите се знаат еден со друг. И сите тие велат: батали ги судовите. Проблемите излегуваат на улица. Симпатизерите на Трамп тврдат дека победа на Бајден ќе биде Марксистички социјалистички пуч - екстремно десна реторика која сега е меинстрим. Женски симпатизери на Бајден велат дека се на смрт преплашени.

Гледајќи ги лицата на луѓето од Ири фотографирани за Њујорк тајмс, тие ме потсетија на мажите и жените од централна Босна, каде што војната прво почна, каде сите имаа АК-47 или ловечка пушка до вратата.

Невозможно е да се замисли соседи и пријатели да се свртат еден на друг. Се додека не е,“ порачува Рубин.

Утехата што Рубин си ја пишува на себе на крајот на текстот е дека дури и Бајден да победи, поделбите што ја брануваат земјата нема да исчезнат, „меѓутоа тоа не значи дека ќе тргнеме по балканскиот пат и ќе се најдеме во сараевската опсада.“

„Има милиони луѓе, всушност најголемиот дел, кои сакаат да најдат начин да ги премостат поделбите и да се соочат со сеизмичките промени што историјата ги бара,“ пишува Рубин.

28 октомври 2020 - 16:26