Гледајте ЧетГПТ да не ви стане единствен другар

Четботовите се создадени за да ни го олеснат товарот за многу нешта, но човек може да се навлече на нив. Луѓе што немаат широк круг пријатели може да ги доживуваат за единствен другар, со што уште повеќе тонат во спиралата на осаменост. Колку повеќе се на четботот, толку помалку им останува време за реалните социјални врски и не можат да избегаат од друштвото на новиот најдобар другар.

Луѓето користат четботи со вештачка интелигенција на многу начини, за да одговорат на прашања, да поттикнат креативност, да решат проблеми, па дури и за лични интеракции. Виртуелните соговорници се креирани за да им го олеснат животот на луѓето и затоа масовно се користат, но како и за другите активности, важно е да не се претерува.

ЧетГПТ не е создаден за да замени или да имитира меѓучовечки односи, но луѓето може да го користат на тој начин, предупредува креаторот Опен АИ.

Постои корелација помеѓу претераното користење ЧетГПТ и осаменоста, повлеченоста, кругот на пријатели. Корисниците можат да станат емотивно зависни од алатката со вештачка интелигенција, покажува ново истражување спроведено од лабораторијата Медија лаб на универзитетот МИТ во соработка со Опен АИ.

Емотивната зависност е опишана како „состојба на тежнеење кон хемикалиите што мозокот ги произведува како награда кога се покренуваат одредени чувства“, слично како ефектот на одредени дроги.

Со испитувањето биле опфатени 4.076 активни корисници на четботот, кои го објаснувале својот однос кон алатката. Биле следени и интеракции на 1.000 лица со ЧетГПТ во период од четири недели. 

Мнозинството одговориле дека немаат никаква емотивна поврзаност со ЧетГПТ, но тие што трошеле најмногу време на комуникација со виртуелниот соговорник најчесто го опишале како „пријател“. Колку подолго било времето на комуникација толку посилно било чувството на осаменост и на стрес при благи промени на однесувањето на соговорникот.

Луѓето со најслаби социјални активности најчесто го сметаат ЧетГПТ за нов другар и развиваат најдлабоки парасоцијални односи со вештачката интелигенција. Тоа уште повеќе ја засилува состојбата на длабока тага, страв и непредвидливо однесување, се наведува во студијата.

Поемотивни врска со виртуелниот пријател биле изградени преку текстуална комуникација, а послаба со гласовен разговор. 

Утврдена е и разлика во однос на темите. Парадоксално, помала зависност создавале разговорите за лични проблеми, на пример за чувства и спомени, отколку за општи, како размена на идеи или барање совет.

Процентот на лица кај кои е детектирана емотивна зависност од ЧетГПТ е релативно низок, но апсолутната бројка може да биде загрижувачко голема, бидејќи моделот активно го користат околу 400 милиони луѓе.

26 март 2025 - 15:48