Германија укинува "рок на траење"?

Бидејќи рок на траење не служи за ништо германскиот министер за земјоделство побара тргање на одредбата за испишување на препорачаниот животен век на прехранбените производи.

Министерот Кристијан Шмит објаснува дека датумот всушност не е рок на користење, и тој им е само алиби на Германците да фрлаат планини храна. Просекот по глава на жител во земјата е 82 килограми прехранбени производи годишно.

Студијата на Универзитетот од Штутгарт од 2012-та покажува дека Германците годишно фрлаат храна во вредност од 16,6 до 21,6 милијарди евра.

Проблемот е што само мал дел од фрлените производи се расипани или се со минат рокот по кој производот станува опасен по здравјето на потрошувачите. Најчесто во ѓубре завршуваат производи на кои им истекол "препорачаниот рок на користење."

Конкретно за терминот Дојче Веле објаснува дека тој "е еластичен поим: ова е датумот до кој производителот гарантира дека производот ќе ги задржи особините кои се однесуваат на вкусот, мирисот, бојата, конзистентноста и хранливата вредност. По овој датум, многу е веројатно дека производот ќе ги задржи овие својства и можеби ќе мине уште долго време додека производот вистински не се расипе."

До сега се има покажано дека производителите се шкрти во пишувањето на рокот, бидејќи кај најголемиот дел од нив функционира логиката дека ако напишат пократок рок, поверојатно е купувачот да го фрли производот и да купи нов.

"Претерано фрламе исправни производи само затоа што производителите оставиле преголем безбеден простор до датумот до кој производот навистина се расипува," порачал министерот.

Ова посебно важи за пекарски производи како двопек или крекери, кои не се штетни за јадење ни со години по истекот на рокот, меѓутоа тогаш можеби нема да бидат така крцкави како што тоа вие би сакале. Кај сол и шеќер тие веќе имаат укинато препорачан рок.

Предлогот на Шмит е испишаниот рок да се замени со "паметни пакувања" во кои може да се вгради чип кој секојдневно би ја проверувал содржината на производот и како таа се менува од ден на ден.

29 март 2016 - 18:58