Германија решила сите да ја засакаме

Во земјата која историски се изгоре со идејата дека работата го ослободува човекот, сега скромно се пробува спротивната идеја, дека бадијалџењето е од рајот излезено. Ќе даваат грантови на таа тема.

Германски универзитет нуди „бадијалџиски грантови“ за апликанти кои се подготвени сериозно да се посветат на неправење ништо. Го сметаат тоа за сериозен увид во социјалните вредности на успехот наспроти оние на одржливоста.

Заинтересираните од цела Германија можат анонимно да ги праќаат своите апликации до 15 септември и со нив ќе треба да ја убедат комисијата дека токму нивната одбрана област за „активна неактивност“ вреди да биде поддржана и финансирана.

Формуларот за пријавување содржи само четири прашања:

- Што не сакаш да правиш?
- Колку долго сакаш тоа да не го правиш?
- Зошто е важно да не го правиш тоа што нема да го правиш?
- Зошто си ти вистинската личност за тоа?

 „Да не правиш ништо не е многу лесно,“ наивно верува Фридрих фон Борис, архитект и теоретичар на дизајн кој го осмислил програмот и патем објаснува дека сакаат да ги оцртаат границите на неактивноста. „Ако кажеш дека нема да мрднеш од кревет една недела, тоа е импресивно. Но, ако се обврзеш и да не мрдаш и да не мислиш, уште подобро.“

Ќе дадат три гранта по 1.600 евра. Ако некој не успее да ја исполни мисијата, не следува никаква одговорност.

Пристигнатите апликации ќе бидат дел од една изложба со наслов „Школа на небитност“ која во ноември ќе биде отворена во Хамбург а ќе се фокусира на едно навистина вредно прашање:  Од што можам да се откажам за мојот живот да предизвикува помалку негативни консеквенци во животот на другите?“

20 август 2020 - 21:33