Германија тивко создава „огромен апарат за надзор“ со кој постои ризик да се создаде култура на денунцијантство слична на онаа на нацистите и на Штази, предупредува еден од водечките историчари во земјата.
Со речиси никакво внимание од медиумите и јавноста, Берлин воспоставува распространет систем на „места за кодошење“ и во компаниите и во државните институции што ќе им олеснат на луѓето да ги цинкарат нивните колеги.
Ова се прави како реализација на новиот закон за заштита на свиркачите донесен во јули оваа година по кој сите компании со повеќе од 49 вработени мораат да одвојат канцеларија каде што персоналот ќе може анонимно да известува за свои сомнежи околу работата и колегите.
Според историчарот Хубертус Кнабе, човек кој речиси две децении го водеше меморијалниот центар Хоеншонхаузен на местото на политичкиот затвор на Штази во Берлин, законот е подалекусежен од едноставна заштита на свиркачите.
„Канцелариите за анонимно пријавување ќе следат не само сомнежи за криминал, туку и прекршоци кои подлежат на парични казни. Ќе се земаат предвид и изјави кои можат да се толкуваат како повреда на обврската за лојалност кон уставот“, напиша тој во Ди Велт.
Своевремено, озлогласената Штази охрабруваше кодошење меѓу граѓаните, или за да се добие лична корист или за да се напакости некому. Кнабе вели дека мал е чекорот од денешните канцеларии за свиркачи, до создавање општа атмосфера на страв и недоверливост која е карактеристична за диктатури.