Генерацијата која ја пропушти забавата

Волстрит журнал потсетува дека генерацијата која годинава дипломира влегоа по колеџи во време на карантини и изолација а излегуваат со протести (за Газа). Пандемијата направи многумина од нив анксиозни и осамени во своите соби во кои и следеа настава и играа игрици и јадеа. „Никогаш немавме мирно време во кое ќе можевме да бидеме едноставно млади.“

Класот на Колумбија од 2024 година ги пропушти матурите и универзитетските ориентации. Нивната бруцошка година помина во маски, часови на ЗУМ и изолација. Четири години подоцна, не е многу различно. Поради протестите за Газа, студентаријата повторно е разбиена, наставата е онлајн а студентите носат маски - овој пат за да го сокријат својот идентитет на демонстрациите. Дипломските церемонии и прослави можно е да бидат откажани.

„Зборувајте со сите генерации што беа пред нас за нивните денови на колеџот, сите ќе ви раскажуваат спомени за тоа како лабаво се дружеле по кампусите, правеле што сакаат и никој не ги закачал. Ние немаме такви спомени“, вели студент кој годинава завршува на Колумбија.

Актуелната политичка поларизација на американските студентски кампуси заокружува четиригодишен период дефиниран со анксиозност.

Истражувањата покажуваат дека денешните студенти се поосамени, помалку отпорни и помалку ангажирани од претходните. Нивните универзитетски заедници се социјално фрагментирани, стеснети и во нив има помалку живост.  Пандемијата ја изгреба психата на една генерација, политиката ја запече.

Училиштата ги засилуваат своите понуди за ментално здравје и ги повикуваат младите да се вклучат во клубови и активности, но управите не се сигурни дали некогаш ќе се врати животот на факултетите каков што го знаеле претходните генерации - полни училници, журки со многу пиво и вечерни романтики.

„Можеби ова е новото нормално, можеби никогаш нема да има враќање „како некогаш“', вели еден млад потпретседател на студентска организација.

Асистентка која имала задача да им помага на бруцошите да се прилагодат на новото школо вика дека не можеш да ги собереш на едно место, бидејќи сите преферираат да останат во соба и да слушнат што има да каже на Зум.

Политичкиот активизам покренат од војната во Газа само навидум ги има раздвижено. Инстаграм активизмот честопати знае да ги раскине и онака кревките пријателства.

Огромен дел од нив остануваат анксиозни да не стават лајк на „погрешен“ пост, или да пропуштат да лајкнат “вистински“ пост па потоа да бидат расчеречени на социјалните мрежи заради својата „грешка.“ 

 

 

28 април 2024 - 17:05