На 15 септември, додека претседателот Обама имаше состанок со неговите советници во Белата куќа и одлучуваше за тоа како да ја активира најмоќната воена машинерија против Исламската држава во Ирак, неговиот амбасадор во Британија, Метју Барзун, го минуваше денот на поле во Глостершир, учејќи за растенија што ја хранат почвата со азот и опасностите од субклинички мастит на кравјите вимиња. Причината беше едноставна: Барзун беше на посета на органската Домашна фарма на принцот Чарлс. Носејќи ганц нови ловечки „велингтон“ чизми, тој се прошетал за одблиску да разгледа поле со органска црвена детелина. По пат направил и по некоја фотографија на својот телефон.
Во изминатите 34 години, фармата е една од главните страсти на Чарлс. Таа стана земјоделско отелотворување на неговите убедувања за сè, од природниот свет до глобализираната економија. Во зимски викенди тој може да се забележи - во неговиот капут од твид - како работи околу оградите на фармата за да ја одржи својата сакана традиционална земјоделска техника (Тој е таков ентузијаст што беше домаќин на Националниот шампионат во оградување во 2005). Фармата ги рефлектира оние нешта што Чарлс ги сака, и оние кои не ги сака. Во едно од полињата има стадо ајрширски говеда. Чарлс ги купил откако соопштил дека не ги сака оние повообичаените, „црно бели“.
Денот бил организиран од трустот на Холден, „Одржлива храна“, но неговите поенти верно ги евоцирале гледиштата на Чарлс, дека индустријализираното земјоделие е голем, опасен експеримент со нашата околина и закана по благосостојбата на малите фармери. Очигледно ова беше приказ на моќната мрежа на принцот Чарлс во акција. Настрана од јавните погледи, прашања кои интензивно го преокупираат се дискутирани од некои од најмоќните луѓе во Британија. Како ехо од неговиот познат коментар од 1986, дека тој зборува со своите растенија - или како што кажа неодамна, ги „инструира“ - имало и краток муабет за тоа дали дабовите комуницираат со нивните роднини преку почвата.
Низ минатите четири децении, Чарлс си има воспоставено уникатна позиција како елитен активист, неуморно лобирајќи и водејќи кампањи за промовирање на она што го секира. Од земјоделие до архитектура, медицина и животна околина, неговите мислења, предупредувања и мрчења секогаш се слушнати. Тој ги шири своите идеи низ написи и говори, низ своите добротворни установи и сојузници и, позади сцената, на приватни средби и низ кореспонденција со министри во владата. Неговите интервенции имаат ефект. Питер Хејн, поранешниот министер кој лобираше со Чарлс за тоа Националниот здравствен систем да воведе комплементарна медицина, го сумираше неговото влијание на овој начин: „Тој би бил сослушан онаму кадешто сите благородни, упорни лобисти од различни асоцијации во комплементарната медицина не би имале можност да го сторат тоа“.
Писма, напишани со црно мастило и едвај читлив ракопис, се клучен дел од неговиот лобирачки арсенал. Неговиот вагон во кралскиот воз е опремен со канцелариска маса, впивачка хартија и купче хартија со црвен кралски грб на кое тој ги испишува своите „пораки кои личат на црн пајак“. Овие меморандуми ги пишува секогаш кога може - доцна ноќе, откако гостите на вечера ќе заминат, дури и на голема висина во кралскиот џет. „Имам патувано со него и по пет минути од полетувањето, тој ги пишува своите писма“, вели Патрик Холден. „Дома по вечерата пак почнува да пишува на својата работна маса. Колкумина од нас го прават тоа?“. Понекогаш, ноќното пишување е толку заморно што принцот, кој минатата недела наполни 66, заспива на масата.
Оваа навика го има ставено во опасна позиција. На 24 и 25 ноември (2014), врховниот суд ќе треба да одлучува дали писмата на Чарлс до министрите треба да останат приватни. Ова може да биде последното поглавје од деветгодишна правна битка помеѓу Гардијан и владата околу законите за слободата на информирање. Во 2005, овој весник побара да ги види сите писма кои Чарлс ги има напишано до министрите во 2004 и 2005. Владата одби, но откри дека Чарлс испратил 27 писма до неколку оддели во текот на осум месеци. Во октомври 2012, Доминик Грив, тогаш јавен обвинител, повторно стави вето на објавувањето на писмата, велејќи дека јавноста може од ова да заклучи дека Чарлс „не се согласувал со владината политика“, што „сериозно би ја нарушило неговата улога на иден монарх затоа што, ако тој ја наруши позицијата на политичка неутралност како наследник на тронот, нема да може лесно да се опорави од тоа кога ќе стане крал“.
Поранешен високопозициониран владин функционер, кој има искуство во ракувањето на интеракцијата на принцот со министрите, го опиша овој ризик како „прилично голем“. Постојат, рече тој, „голем број писма, и тие кажуваат некои нешта кои се прилично нелагодни“.
Едно од писмата од февруари 2002, кое беше протекло до Дејли Мејл, го разоткри ригидниот пристап на Чарлс. Пишувајќи му на лорд Ирвин, тогаш лорд-советник во кабинетот на Лабуристите, тој го отфрла Законот за човекови права, сугерирајќи дека тој се однесува „само на права на поединците (и не можам да најдам листа на социјални одговорности поврзани со тоа) а тоа открива фундаментално искривоколчување на општественото и правното расудување“. Во друго писмо до лорд Ирвин, напишано во јуни 2001, тој ја изразува својата загриженост дека овој закон „само ќе ги охрабри луѓето да се зафатат со нешта кои ќе го направи разумното, цивилизираното и подреденото постоење уште потешко“, и додава дека „јас, и безброј други, се плашат од многу реалниот и растечки тренд на американски стил на култура која би станала уште подоминантна во оваа земја“.
Дури и неговите писма да останат приватни, многумина се загрижени од можноста Чарлс да продолжи со својот активизам и како крал. Неговите досегашни дејства сугерираат дека ќе му биде тешко да го напушти својот пристап на водење кампањи. Чарлс ја има употребено фразата „мобилизирачки“ како опис на своите активности; неговите критичари тоа го нарекуваат „замешување“. Тие го гледаат неговото инволвирање во политички прашања како злоупотреба на непишаното правило дека кралското семејство треба само да симболизира моќ, а не да ја користи. Чарлс чека подолго на наследството отколку кој и да е претходен престолонаследник. Како што неговото чекање влегува во финалните фази, така се наметнува прашањето за тоа како ќе си ги канализира своите политички инстинкти кога конечно ќе стане крал. Ова станува тема на разговор на неговиот двор, во Вајтхол и помеѓу неговите пријатели. Се прават подготовки за многу различна монархија од онаа на кралицата Елизабета, која имаше обезбедено прифаќање на уставната монархија делумно и поради своето строго молчење кога се во прашање политички теми. Пријателите на Чарлс му се восхитуваат како на интелигентен, грижлив и одговорен, но веројатно неправично, смртта на кралицата е ден од којшто многумина стравуваат.
„Пред нас е тивка уставна револуција“, изјави минатата година (2013) неговиот пријател и биограф, Џонатан Димблби. „Предвидувам дека ова ќе оди многу подалеку од она што го пробал кој и да е претходен уставен монарх“.
Животот на Чарлс, до сега, се состоел од создавање смисла од неговото седумдецениско чекање. „Клучното прашање на неговиот живот е „Што добро можам да сторам со оваа лошо дефинирана улога?“, вели еден високо позициониран извор. Но овој проект има креирано и дилема за тоа како тој би требало да владее, кога чекањето еднаш ќе заврши.
Чарлс доби место на Тринити колеџ во Кембриџ во 1967, откако помина две А-нивоа (со 9-ка по историја и 8-ца по француски). Дипломирал со 2:2 (2 е пониска класа од 1, а второто 2 значи втора подкласа во таа класа) во областа на археологијата, антропологијата и историјата. До 1970 веќе ја имал сретнато Камила Шенд (подоцна Паркер-Боулс). Во следната деценија имал неколку девојки а во времето кога бил верен со лејди Дајана Спенсер во 1981, Камила веќе била мажена со коњаничкиот офицер, Ендрју Паркер-Боулс. Сапунската кралска опера наскоро се претвори во холивудски блокбастер: свадбата во „Св. Павле“, бебињата, авантурите на обете страни, разводот, шокантната смрт на Дијана во Париз, националното жалење, Елтон Џон на погребот. Репутацијата на кралското семејство се сруши под лавината негативно медиумско покривање.
За сето ова време, Чарлс гради паралелен интелектуален живот, втопувајќи се во свет на идеи и духовност. „Роден сум во 1948, во средината на 20 век, кој зазори среде Добата на машината, самиот мотор на колосална промена во западниот свет“, напиша во својот трактат од 2010, „Хармонија: нов начин на гледање на светот“. „Но во средината на 1950-тите, светот беше зафатен со огромна промена во бран на поствоен модернизам...До 1960-тите индустријализираните земји беа на пат да го создадат она што многумина замислуваа дека ќе биде бескрајно Доба на удобноста. Дури и како тинејџер длабоко бев потресен од она што изгледаше опасен кратковид пристап“. Но до 1970-тите неговите чувства се уште поизградени и Чарлс почнува да истапува: „Можев многу јасно да видам дека стануваме бесчувствителни кон светото присуство кое традиционалните општества многу длабоко го чувствуваат“.
Идеите кои Чарлс ги поместува во „Хармонија“ се зашеметувачки еклектични и, од време на време, на раб на некој вид мистицизам. Тој ја цитира „граматиката“ на исламската уметност „која го проткајува целиот живот“, „магичните“ ритми на градините и на природата, безвременоста на христијанската иконографија и симетријата на германската астрономија од 16 век, „вечниот закон“ на Тома Аквински, ведските традиции на Индија и кинескиот таоизам. Тој е заинтересиран за идејата за „должност човек да се обиде и да постигне наштиманост помеѓу човечката природа и поголемата шема на космосот“.
„Поумен е отколку што мислите“, вели еден добро информиран извор. „Многу и детално чита, до доцна во ноќта, кога има слободно време, кога патува. И не само книги. Чита статии кои му ги испраќаат цело време. Ако излезе нова статија во Универзитетот Џорџија за земјоделието во 21 век, тој ќе го прочита текстот, ќе го разбере, и ќе му испрати белешка некому во врска со тоа“.
Во 1984 Чарлс зпочна доживотна војна со модерната архитектура преку јавно критикување на предлозите за проширување на Националната галерија, кое го опиша како „монструозен чир на лицето на сакан пријател“. Плановите беа запрени. Пет години подоцна, тој напиша книга со помпезен наслов, „Визија за Британија“, во која објасни зошто урбаната реконструкција од 1960-тите го натерало да верува дека „е лудо да се уништи толку вредност и по диктатите на модата да се исфрли бебето сосе водата“. (...) И тоа не е сè. Во 2010 тој успешно го блокираше модернистичкото реновирање на Челси Баракс во сопственост на Катар, план од 3 милијарди фунти на архитектот Ричард Роџерс, со тоа што му се пожали на премиерот на Катар дека тоа ќе биде уште едно „бруталистичко“ дело кое ќе придонесе кон „уништување“ на Лондон. Во тоа време, приватниот секретар на Чарлс, сер Мајкл Пит, изјави дека било негова „должност да ги пласира гледиштата на обичните луѓе кои инаку не би биле слушнати“. Роџерс, помеѓу другите, секако не се согласи. Судија задолжен за поврзан случај во врховниот суд ја критикуваше интервенцијата на Чарлс како „неочекувана и недобредојдена“.
Но колку далеку би требало да оди? На своето патување до Канада во мај оваа година, тој влета во украинската криза (од 2014), кажувајќи ѝ на 78-годишна Еврејка која избегала од нацистите дека Владимир Путин „го прави скоро истото што и Хитлер“. Путин изјави дека ова е неприфатливо и „не е она што кралевите треба да го прават“. Дипломатите од Министерството за надворешни можеби беа загрижени, но 51% од Британците рекоа дека коментарите биле соодветни а само 36% беа против.
Многумина од оние кои го познаваат Чарлс веруваат дека тој, како крал, нема да го прифати истиот дискретен стил како оној на неговата мајка. Како што тоа го кажа еден извор: „Човекот кој јавноста го гледа 40 години е човекот кој принцот всушност е“. „Тој ќе остане на линија на своите верувања и придонеси“, рече друг извор, кој го познава Чарлс долги години. „Наместо комплетна промена според калапот на својата мајка, стратегијата ќе биде да се обиде да продолжи со своите страсни интервенции, сепак проверувајќи го тонот и содржината за да не ѝ наштети на монархијата“. Друг извор ги наведе можните нови правила на играта: „Говорите ќе мора да го минат следниот тест: дали е нешто необично затоа што не би го кажала кралицата, или затоа што би било многу опасно?“.
„Тој фундаментално ја разбира улогата која ја игра монархот во нашиот Устав“, вели еден извор. „Она што се политичарите, не е монархот. Политичарите инхеретно создаваат поделби, бидејќи не ја застапуваат нацијата. Политичарите мислат во циклуси од пет години, но монархот мисли долгорочно“.
* извор