Професорот проценува дека тензиите север-југ и исток-запад, милиони бегалци, нови играчи на политичка сцена, финансиска криза, брегзит и слично, би можеле да се решат топтан со еден вид „голем договор“. Според него предностите се очигледни, и не сите држави ќе победат во сите полиња, ама на сите држави ќе им биде подобро.
„Но сепак голем договор отсекогаш бил нешто налик Химера за Европа. Главниот проблем лежи во комплексноста на ЕУ која е лошо опремена за функционирање во хаос, нешто слично како што крајно дисциплинираната германска фудбалска репрезентација беше лошо подготвена за да се соочи со френетичноста на мексиканскиот противник од почетокот на Светското првенство,“ објаснува професорот.
Како пример кога единството на ЕУ можеше да биде клучно во одредување на глобалните текови, професорот го наведува неодамнешниот Г7 самит во Квебек. Таму Трамп давајќи алтернатива на трговската војна која сам ја започна, предложи сите членки на Г7 да ги укинат тарифите.
Иако предлогот доаѓа од Трамп, ЕУ има основа да го прифати таквото барање, бидејќи и онака тарифите за европските и американските продукти не се нешто високи и генерално изнесуваат околу 1,6%, што и не е така далеку од предложената 0 од Трамп.
„Стигнувањето до нула би било релативно лесно, и би испратило моќен сигнал дека нема да има око за око ескалација, дека глобалниот ланец на снабдување нема да биде нарушен, а глобалната економија ќе биде безбедна.
Секако таков договор ќе создаде одредени проблеми за ЕУ. Некои бизниси, посебно земјоделскиот, моментално уживаат во повисоки нивоа на заштита; елиминирањето на тарифите со тоа ќе го измести порамнувањето на домашните интереси во ЕУ (и во САД).
Меѓутоа фундаменталниот проблем што европските лидери го имаа на самитот е што тие не можеа доволно брзо да дојдат на ист став за да реагираат со време.
Европа има премногу подвижни делови. ЕУ е намерно комплексна со цел да дозволи координација на огромен број национални интереси. Таа комплексност е во ред во нормални времиња, но е проблематична во исклучителни моменти, кога играта е френетична. А во тие моменти, ЕУ многу повеќе личи на Хабсбуршката империја,“ пишува Џејмс.
Споредбата со Хабсбурзите, освен географска, се однесува на тоа дека и ним им бил потребен „голем договор“ за справување со политичката тежина на националностите што ги опфаќале, но тоа никогаш не се случува. Тогашните политички елити проценуваат дека надворешен предизвик, пример една кратка војна, ќе го реши проблемот, „ама Првата светска војна ниту беше кратка, ниту ја спаси империјата, туку ја уништи.“
„По 1918, носталгијата по старата империја почна да расте. Таа изгледаше подобра, потолерантна, па дури и поспособна отколку групата конкурентски национални држави кои ја наследија. Денешните Европејци не треба да го заборават ова,“ порачува Џејмс.