Џабе зајде јасно сонце

Што се случуваше меѓу саботата вечер и неделата сабајле? Ништо посебно нели, падна мрак па кој во пижами, кој на шанк. А баш во тоа време милијарда тони сончеви дрангулии ја нападнале северната хемисфера на нашата планета.

 

Во петокот на Сонцето било посебно жешко. Се случила една од страотните сончеви бури од типот CME (coronal mass ejection) од најопасната, X класа.

Експлозијата на Сонцето била посилна од последната таква што се случи на 6-ти јули минатата година. Научниците велат дека активноста сè уште трае и дека ќе може да се посматра барем уште една недела.

Ерупцијата на сончева плазма предизвила тони сончеви честички да нагрнат накај нашата планета движејќи се со брзина од 1.400 километри во секунда.

Кога ваков удар ќе стигне на Земјата, знае да предизвика пореметувања во нашето магнетно поле, да дојде до тн. гео-магнетни олуи кои завршуваат со прекини на струја и проблеми во навигациите и телекомуникациите. Овојпат сме минале лесно.

Сонцето се наоѓа на средина на својата активна фаза која трае 11 години. Моменталниот циклус, познат како Solar Cycle 24, својот врв ќе го достигне оваа година.

18 март 2013 - 09:15