Објаснувајќи ја мерката за доживотна забрана, Калши наведува дека Сантос во февруари годинава лично се обложил на прашањето дали ќе присуствува на обраќањето на претседателот Доналд Трамп до нацијата и притоа давал разни изјави за да влијае врз коефициентот на очекувана добивка.
Последната порака на Икс му била: „Луѓе, ќе бидам таму, на галеријата, за време на говорот за состојбата на нацијата“. Но, за време на обраќањето на Трамп, тој испрати нова објава со која потврди дека не присуствува во салата и го следи говорот на телевизија.
Тимот за спроведување на правилата на Калши ги идентификуваше спорните тргувања, ја замрзна сметката на Сантос и го упати случајот до Комисијата за тргување со фјучерси на стоки (CFTC) – федералната агенција што врши надзор над пазарите за предвидување.
Пред неколку недели Сантос постигна спогодба со CFTC да плати 35.000 долари поради сомнителните трансакции – остварената добивка од 17.500 долари и идентична сума како дополнителна казна. Неговиот адвокат соопшти дека Сантос „ја прифатил спогодбата без да ги признае наводите, или заклучоците на Комисијата“.
На забраната за користење на платформата, тој вчера реагираше со закана за Калши, која води неколку правни битки со државните органи во врска со регулативата за платформите за предвидувања.
Да видиме уште колку долго ќе постоите. Бакнежи, порача Сантос.
Низ САД се водат и неколку судски спорови за прашањето дали платформите за предвидување се пазари за тргување, како берзите, или се коцкарници. Правни експерти предвидуваат дека случаите ќе стигнат до Врховниот суд, кој ќе донесе конечна одлука како да се регулираат или барем да се категоризираат овие платформи.
Сантос - првиот републикански конгресмен што на изборите отворено настапи како геј кандидат, своевремено беше на платниот список на Полимаркет – ривалот на Калши. Полимаркет веднаш ги прекина врските со него по инцидентот со обраќањето на Трамп во февруари.

Сантос веќе беше суспендиран од Конгресот по истрагата за етичко однесување во 2023 година, а подоцна се изјасни за виновен и отслужи казна во федерален затвор поради проневера на средства од донатори, лажење пред Конгресот и измама на учесниците во кампањата. Излезе од затвор во 2025 година, откако претседателот Трамп му ја преиначи казната.
Во текот на изминатата година, Калши презеде мерки против низа политичари за кои утврди дека ги прекршиле правилата на платформата. Марк Моран, кандидат за сенатор, го казни поради тргување со повластени информации. Во најновата рунда на мерки за спроведување на прописите, им изрече парични казни на Лори Бакхаут (кандидатка за Конгресот од Северна Каролина), Стивен Клубек (кандидат за гувернер на Калифорнија) и Бен Миџли (кандидат за гувернер на Мејн) поради обид за тргување со договори поврзани со нивните изборни трки. На сите привремено им е суспендиран пристапот.
Се обложив на себеси. Буквално. Тоа беше глупава грешка и штом дознав дека има проблем, презедов чекори за да ја поправам, признава Бакхаут, пензиониран воен офицер.