Дали рециклирањето е глупост?

Ако си против целата приказна со рециклирањето, ти си еколошки неодговорен и генерално морално инфериорен (читај: лош) човек. За таков те прогласуваат оние кои на сите ѕвона промовираат рециклирање на сè и сешто, од метал и стакло, до храна. Но дали сето тоа е само непотребен притисок, кој нема никаква економска оправданост?

Марија Коникова, редовна колумнистка во Њујоркер, во подкаст на Слејт наведува пример и бројки кои укажуваат на тоа дека ситуацијата со рециклирањето воопшто не е така црно-бела како што се прикажува. Повторната употреба на предмет или материјал не е по дефиниција ниту добра ниту лоша работа, туку оправданоста на оваа постапка зависи од ред фактори. Најважен меѓу нив е следниов - дали за процесот на селектирање и рециклирање е потрошено повеќе време, пари и ментална енергија во споредба со едноставното фрлање на нешто во отпад.

Според Агенцијата за заштита на околината на САД корисноста од рециклирањето се состои во „заштедената" емисија на јаглерод, која инаку би се потрошила доколку нештото се произведува од нула. Но Koникова тврди дека освен за хартијата, картонот и металот (меѓу кои и алуминиумските конзерви), за сите други нешта трошокот на јаглероден двооксид за рециклирање и производство е речиси ист, а кога е во прашање стаклото и пластиката со рециклирање се создава дури и повеќе јаглерод двооксид отколку при производството. Освен тоа, само 60-80% од она што се става во контејнерите за рециклирање навистина може да се употреби за таа намена, или затоа што пластичните шишиња се на пример извалкани па не се исплати да се троши вода за нивно миење, или затоа што стаклото се искршило заради невнимателност.

Но зошто тогаш и владините и куп невладини организации толку трубат во корист на рециклирањето? Од една страна условувањето на луѓето е прилично корисна работа ако сакаш да им наметнеш дисциплина и контрола, а морализирањето е историски многу ефикасен начин тоа да се постигне. Но навистина посветени на рециклирањето можат да бидат само оние доволно богати, кои имаат доволно време да сортираат или да платат некого тоа да го прави за нив. За сите други размислувањето за рециклирање е само по себе луксуз.

Според едно психолошко истражување кое го цитира Коникова, кога на група луѓе во лабораториски услови им биле дадени хартија и ножици, оние што им било кажано дека хартијата ќе се рециклира биле многу по „лежерни" во нејзината употреба. Истото се случило и на терен - луѓето трошеле многу повеќе хартиени крпи доколку до нив стоел знак дека тие се добиени со рециклирање.

Нејзиниот совет е накратко е: наместо да се занимаваме со рециклирање и да ги тормозиме другите да го прават истото многу е покорисно да одбегнеме патување со авион секогаш кога тоа е можно. Еден повратен лет од Њујорк до Лондон, на пример, „чини" 40,000 пластични шишиња.

7 јули 2016 - 15:20