Во црно вино бактерија нема

Ок, не е црно туку црвено, ама таква е песната. Околу него сè уште има некои мистерии. На пример, се претпоставува дека неговата убоитост кон бактериите се должи на Пх вредноста и концентрацијата на алкохол. Но истражувања покажуваат дека тоа е многу поефикасно од други раствори со иста киселост и алкохол.

Виното одамна е познато по своите карактеристики за дезинфекција и прочистување. Според историските записи, во третиот век римските генерали им препорачувале вино на своите војници за да спречат дизентерија.

Алкохолот е добро познато средство за дезинфекција, а според некои уверувања може да биде корисен и за лекување на инфекции на цревата. Тоа е дилемата на која се осврнува Винсент Хо од Универзитетот во Западен Сиднеј.

Тој потсетува дека виното било испитувано како дел од студија од 1988 година при што биле тестирани голем број обични пијалаци (газирани пијалоци, вино, пиво, обезмастено млеко и вода) и нивниот антибактериски ефект. Пијалаците биле инокулирани (пелцувани) со заразни стомачни бактерии како што се салмонела, шигела и ешерихија коли. По два дена било откриено дека организмите најлошо поминале во црвеното вино. Пивото и газираните пијалаци имале ефект, но не биле ефикасни како виното.

Повеќе години подоцна била спроведена лабораториска студија со цел да се открие што го предизвикува анти-бактерискиот ефект кај виното. Истражувачите тестирале црвено вино врз салмонела и ефектот го споредиле со раствор кој содржи иста концентрација на алкохол и пе-ха (pH) вредност на киселост.

Било забележано дека црвено вино поседува интензивна анти-бактериска активност, поголема од онаа на растворот со иста концентрација на алкохол и pH. Иако голем дел од анти-бактерискиот ефект на црвено вино врз салмонелата е резултат на неговата кисела pH вредност и концентрацијата на алкохол, овие фактори само делумно ги објаснуваат забележаните ефекти.

„Концентрацијата на алкохолот е сигурно важна за ефектот врз микробите. За алкохолните рачни бришачи, високата концентрација од 60-80 отсто се смета за оптимална за антимикробна активност“, вели д-р Хо.

Лабораториската студија ја разгледуваше пенетрацијата на алкохолот во групи на микроорганизми во устата и нејзиниот ефект врз микробите. Концентрациите на алкохол помали од 40 проценти биле значително послаби во влијанието врз развојот на бактериите. Алкохолот со концентрација од 10 проценти речиси немал ефект.

Исто така, важно е и времето на изложување на алкохол. Кога бил употребуван 40 процентен алкохол (иста концентрација како вотка), ефектот на инхибиција врз растот на овие микроорганизми бил многу поголем кога се применувал во текот на 15 минути во споредба со шест минути.

Но, долгата изложеност на алкохол пак, го оштетува стомакот.  Во врска со оваа дилема, Хо наведува истражување на 47 здрави доброволци кои при гастроскопија биле третирани (прскани) со различни концентрации на алкохол (4%, 10%, 40%) и солен раствор, како контрола. Колку била поголема концентрацијата на алкохол, толку повеќе штета е забележана во стомакот. Ерозиите придружени со крв се типични оштетувања забележани во стомакот. Во тенкото црево не се забележани оштетувања. Кај стомачна повреда предизвикана од повисоки концентрации на алкохол (поголема од 10 проценти) на организмот му се потребни повеќе од 24 часа за раната да ја санира.

„Значи, во теорија, доволно висока концентрација на алкохол што ќе се проголта (или ќе се чува во устата барем една минута) ќе убие голем број на стомачни и орални бактерии, но многу веројатно ќе направи штета на стомачната обвивка“, заклучува д-р Хо.

 

20 декември 2017 - 16:17