Чипот во мозокот му го вратил говорот

Бредфорд Смит е парализиран, апарат за дишење го одржува во живот, може да ги мрда само очите, јазикот и краевите од устата, но сега повторно може да комуницира и тоа со сопствениот глас. Ова му го овозможило електронскиот чип од Неуралинк што му е вграден во мозокот. Со јазикот движи курсор и составува реченици, кои ги вокализира моделот Грок со вештачка интелигенција.

Бред Смит е третиот пациент на кој му е вграден чип на Неуралинк. Тој е единствениот што немал способност за говор. Тешка амиотрофична латерална склероза му ги уништила моторните неврони што ги контролираат мускулите во телото, но не го нарушила неговиот ум. Гледа и слуша сè околу себе, но не може да возврати.

Прв со АЛС. Прв без способност за зборување. Ова го пишувам со мојот мозок. Тоа е мојата примарна комуникација, порача Смит на Икс.

На платформата споделил видео во кое објаснува како научил со својот ум да го користи имплантот – прво за да контролира курсор на компјутер, потоа да пишува реченици, кои сега се вокализирани. Алатката со вештачка интелигенција Грок анализирала претходни снимки на Смит и го прилагодила неговиот глас.

Имплантот му е вграден во черепот, во дел од мозокот одговорен за моториката. Уредот има 1.024 електроди што ги читаат активностите на невроните и ги пренесуваат до компјутер, каде што вештачка интелигенција ги декодира во движења. Сега тој може со јазикот да управува курсор и да активира апликации со стискања на вилицата. Проблемот е што мислите му се побрзи од способноста да ги изрази. Вокализацијата многу му помогнала.

Ноланд Арбо во јануари 2024 година беше првиот пациент со вграден чип од неуротехнолошката фирма, осум години откако бил парализиран во нуркачка несреќа. Раскажувајќи го сопственото искуство, тој вели дека полека им се враќа на животните задоволства.

Сега ги победувам моите пријатели во видео-игри, Тоа не требало да биде можно, но навистина е, изјави Арбо за Би-би-си.

28 април 2025 - 15:53